Коле Чашуле. Суд Лица Дамјан Дрен Темелко Даскал Наум Дрварот Комити I дејствие - Трло Дејството се одигрува во самото предвечерје на Смилевскиот конгрес, 1903 година, во пазувите на една од планините на приморска Македонија. Трло Од сите страни заградено со плет. Над плетот настрешница. На четирите ќоша од телото - колиби. Колибите се отворени кон средината од трлото. Штама. Сноп светлина паѓа врз Дамјана. Црна коса. Црна брада. Испиено, кошчетливо лице. Висока, подведена става. Бела комитска облека. Очи дамна проколнати на несоница. ДАМЈАН (Мирно. Исповеднички.) Сведоците се: соучесници! Тој што нема сили да сведочи, нека стане и нека си отиде! Просто нека му е! И од нас и од Македонија! Зашто вечерва, овде ќе стане суд! Ќе си судиме - себеси!! (Пауза.) Правдата за нас, Македонците, е с? уште нешто што им припаѓа на: другите! Сосем како и нашата: Историја! Нам никогаш, како што знаете и самите, не ни недостасувала: неправдата! Затоа и имаме паметење и сетила само за неа! (Пауза.) Се плашам таа, неправдата, да не загосподари со нас и вечерва! (Пауза.) Ние истрадано знаеме како суди; силникот! Не знаеме како суди: востанатиот роб! Како суди тој што познава само еден закон во своето срце: одмаздата! Како суди тој што нема затвори, тој што не зема пленици, тој што нема пишани закони, тој што има на располагање само две пресуди: Смрт или слобода! При кого и смртта и слободата може да се и правда и злостор, истовремено! (Пауза.) Затоа и повторувам: Тој што нема сили да сведочи, нека стане и нека си отиде! (Пауза.) Да се признае слабоста во себеси е секогаш поголема, вистинска, маштина отколку да се прикрива. Самоизмамата отсекогаш и била смртен враг на македонската револуција! (Пауза.) Вечерва ќе му судиме на Дедо Темелко, човек од вашето село, род или светијон, можеби, на мнозина измеѓувас. Човек што остарел со вас. (Пауза.) Кој го обвинува Темелка? (Пауза.) Нека излезе и нека зборува! И нека не заборави: клеветното обвинение, кај нас, се накажува исто како и: предавството! Зашто и е: предавство! (Пауза.) Кој го обвинува, прашав? ДРЕН Јас! ДАМЈАН Излези да те видиме! ДРЕН (Излегува.) Еве ме! (Сноп светлина и врз него. Триесетти, селски, години. Лице светечки бледо, дури потемнето од бледило. Погледот поцрнет. Штом ќе ја сети светлината врз себеси, ја сметнува шапката.) ДАМЈАН Кажи си го името! ДРЕН Дрен! Заменик на селскиот раководител. ДАМЈАН Зошто заменик? ДРЕН Го испративме селскиот раководител во Смилево. На Конгресот. Да биде таму и да варди нас, селаните, и овојпат да не н? измамат! ДАМЈАН Да ве измамат? Кои? ДРЕН Се знае: кои? ДАМЈАН Од кога си во Организацијата? ДРЕН Од денот кога ме покрсти Делчев! ДАМЈАН Делчев? ДРЕН Две лета чекав тој да помине и да ме покрсти! Не сакав друг! ДАМЈАН Зошто? ДРЕН Зато што сум син на Илија Смилов, од село Попадија, кога, јас уште нероден, го дочеречи со јатаганите башибозукот лерински пред очите на три села, набиени во црковниот двор: како добиток! Можеби си чул, војводо, цела седмица, од светата недела до светата недела, ги држеа череците од татка ми крај четирите селски патишта, за да го приберат со себеси, џелатите, така што и ден денешен во туѓи гробови го бараме! Затоа! ДАМЈАН Во што го обвинуваш Темелка? ДРЕН Во предавство! (Пауза.) Во страв да се заколне, како сите ние! Да ги целива светите: камата и Евангелието, како што ги целиваме сите ние! Во тоа што јас, војводо, го разбирам: или си со нас или си со крвникот! Зашто друга Македонија за мене и нема! (Пауза.) Дотаму стига мојата сила, војводо! Потаки не сакам и да знам! ДАМЈАН Тебе ли ти откажа Темелко да ти се заколне? ДРЕН Јас на откажувањата им судам на лице место, војводо! ДАМЈАН Кому тогаш? ДРЕН На Даскал Наума! На трипати! ДАМЈАН Верно ли е, Даскал Науме? ДАСКАЛ НАУМ (Од еден од ќошовите на трлото, откако ќе подизлезе од колибата. Сноп светлина и врз него. Градска облека. Мека шапка. Горно палто. Црни длабоки, чевли. Лице тркалообразно, со густи веѓи и уште погусти, гледани мустаќи.) Вистина, војводо! ДРЕН Барав јас да го покрстам, не ми дадоа! Голем почит Темелко му имал, рекоа, нему, Даскалу Науму! Како на учен, рекоа! ДАМЈАН Благодарам, Даскале. ДАСКАЛ НАУМ (Се повлекува во колибата, од каде што излезе. Пауза.) ДАМЈАН Темелко има брат, Гроздан? ДРЕН Има! ДАМЈАН Дамнешен член на Организацијата? ДРЕН Дамнешен! ДАМЈАН Зошто нему не му доверивте тој да си го покрсти брата си во Организацијата? ДРЕН Прашај го него, војводо! ДАМЈАН Нека излезе Гроздан! (Пауза.) Нека излезе Гроздан, реков! ДРЕН Замина за да не го сведочи судењето војводо! ДАМЈАН Замина за да не го сведочи судењето? ДРЕН Дури во Негуш, војводо! (Пауза.) ДАМЈАН Верно ли е и ова, Даскал Науме? ДАСКАЛ НАУМ (Од колибата.) Верно, војводо! ДАМЈАН Раскажи ни тогаш ти, Дрен, зошто Темелко откажа да се покрсти? ДРЕН Не, војводо! Јас од тоа тесто не сум замесен! Тука е самиот Темелко, тој нека раскаже! И Даскал Наум, тие водеа разговори! ДАМЈАН Даскал Науме? ДАСКАЛ НАУМ (Излегува од колибата.) ДАМЈАН Колкупати ти откажа Темелко да се покрсти? ДАСКАЛ НАУМ Трипати, војводо! ДАМЈАН Зошто? ДАСКАЛ НАУМ Некој ја претпочита слободата, војводо, и борбата за неа, некој ропството! Зависи од тоа кому каде му е подобро! ДАМЈАН Ти му ги предочи последиците на Темелко, Даскале? ДАСКАЛ НАУМ Бездруго, војводо! Впрочем, и да не му ги предочев, тој ги знаеше! Нема човек што да не ги знае денес во Македонија, војводо! ДАМЈАН Благодарам, Даскале. ДАСКАЛ НАУМ (Се враќа во колибата.) ДАМЈАН Дрен? ДРЕН Слушам, војводо! ДАМЈАН Други обвиненија имаш против Темелка? ДРЕН Имам, војводо! (Пауза.) Но, мислам дека нив засега да не ги спомуваме! ДАМЈАН Зошто? ДРЕН (Молчи.) ДАМЈАН Прашав: Зошто да не ги спомнуваме? ДРЕН Затоа што се такви, војводо, што нема да се запрат само на него! ДАМЈАН Тие... други... обвиненија само твои ли се? ДРЕН Зошто? На мојот збор не му се верува веќе? ДАМЈАН Тоа никој не го рече! ДРЕН (По подолга пауза.) Нека ти биде, војводо! Јас те предупредив! Еве, пред сиве те предупредив! (Пауза.) Обвиненијата се слама, војводо! Никаде не знаеш, еднаш штом ќе вивнат, каде ќе отидат и кого друг ќе го запалат! Но, штом дошло да се зборува вистината, слушај ме внимателно! Зошто ова што ќе го чуеш од мене, со години му е жива рана на селото! (Го брише лицето со опачината од капата.) Се прашаш, војводо, каква ќе да е таа жива рана за која зборувам, а ти како Војвода, да не ја знаеш? Се прашаш, нели? ДАМЈАН Да. ДРЕН Темелко, војводо, не само што откажа да се покрсти, да се израмни со нас, туку со години - пред очите на целото село, сета Организација, на целава Околија, војводо - се збратими со никого друг, војводо, туку со Керим Бег од Битола! Со него, војводо! Со крвникот од кого пишти се што е живо Битола, па таму дури до Москополе и Солун! Со него, војводо! А ние... ние сето време, војводо, се правиме слепи! Да, слепи! Не ќе речеш белки, војводо, дека никому од нас не му беше знајно: како го пречекува Темелко Керим Бега, како го чести, како истрчува пред него дури под село, друи в поле, како му темани, како му ја отвора куќата своја, како да не кондисува кај него Керим Бег, туку Царот Македонски! Така! А ние... што правиме сето време ние, војводо? Зборуваме за востание? Умираме расчеречени на крстопатите, без гроб умираме или не? Не прекинувај ме, војводо, зошто ќе се случи најлошото: ќе замолчам! (Ја удира капата од земја. Ја гази.) Не знаеш... не знаеш, војводо, колку болат... колку болат, еве овде, во градиве, тринаесет и еднава година моја: неодмазда! Не знаеш и затоа не прекинувај ме! ДРЕН (Му се суши грлото.) Последниот пат Темелко кога тргаше за кај Керим Бега, јас... јас, војводо, јас на трипати му застанував претпат, да ме види, да се замисли, да се врати! Мислиш ме виде? Ме виде? Ме виде, ме гледаше, еве, како што те гледам јас тебе и... ? Око не му трепна, војводо! Око што е око! Него не сврте да се врати! А... а кога јас отрчав, истиот час, кај селскиот раководител на Организацијата и побарав изим јас... јас да му пресудам на Темелка, јас да ја измирам правдата таму... в планина... селскиот раководител: ми забрани! Со закана по мојот живот ми забрани! Ако не веруваш, војводо, прашај го Даскал Наума! Тој беше со селскиот раководител кога ми забранија! Тој нека каже дли не ми ја задржаа раката! ДАСКАЛ НАУМ (Подизлегува од колибата.) Така е, војводо! Ние го запревме! Што ќе остане од Организацијата секој ако ја земе правдата во свои раце и ако почне да ја крои според огнот и омразата што е во него! Уште тогаш, на самото место, го предупредивме Дрен, војводо, дека ние сме Револуција а не... ДРЕН (Го прекинува.) Зар е тогаш чудно, војводо, што тоа мое запирање го плативме со најскапото: главата на Христо Црнамара! Главата на највостанатиот од сите нас востанати! ДАМЈАН Дрен! ДРЕН Слушам, војводо! ДАМЈАН Свесен ли си ти што зборуваш? ДРЕН Свесен, војводо! Или... можеби, треба да побрзаме да заборавиме во чии трла го најдовме трупот на Црнамара, првин стрелан, патем клан и на крај: толчен по лицето, по главата, со камен, како змија! Закопан со главата в земја и само со петиците надвор од неа? Со чија шамија му беа врзани рацете? И тоа само на две ноќи откако Темелко се врати од своето предателско ходочастие кај Ќерим Бега, испратен, при враќањето, до под самово село од шестмина гавази на Ќерим Бега? (Пауза.) Впрочем, војводо, не верувај ми мене! Прашај ги сиве овие овде! Сиве, редум! Тие нека кажат: Не се фалеше ли Ајрула, полицменот од Битола, штотуку излезен од портата на Темелка: „Гледате, каури, каква сила сме ние османлииве? И какви пријатели имаме измеѓу вас, раката што ни ја одменуваат?“ (Дише тешко.) Впрочем, војводо, да не се преправаме! И да се чудиме, како сега првпат сево да го слушаме, кога се знае дека и тебе и на Комитетот, писмено, веднаш ви ја раскажавме сета вистина. Ние кажуваме, Даскал Наум пишуваше! Не ли е така, Даскале? ДАСКАЛ НАУМ Така е! ДРЕН Нека крене рака, еден макар и да е, и нека рече дека не ја зборувам вистината! Или, можеби, војводо и дотука стигнавме што да ја премолчуваме и вистината? ДАМЈАН Никој не ја премолчува вистината! ДРЕН Тогаш: зошто судиме вечерва? Само заради тоа што Темелко откажал да се покрсти? (Со стиснати заби.) Затоа и ти велев да молчам јас, војводо! Зошто сега веќе ќе мораме и јас и ти, сите ние, да се прашаме: Кој е вистинскиот виновник за смртта на Христо Црнамара? Само Темелко ли што го предаде? Само јас ли: што не му го пресеков со кама патот на Темелка, кога тргна кај Керим Бега да го предава? Или... или Организацијата што го трпеше со години предателството на Темелка, ги затвораше пред него очите за да стигне, на крај, да ми ја запре раката токму тогаш кога можеше да се спречи злосторот. Кој, војводо? Или, можеби, ние што... (Замолчува.) ДАМЈАН Вистина ли е ова, Даскал Науме? ДАСКАЛ НАУМ Што, војводо? ДРЕН За Христо Црнамара! ДАСКАЛ НАУМ Што за Црнамара, војводо? ДАМЈАН Тоа дека е најден во трлото на Темелка? ДАСКАЛ НАУМ Вистина е, војводо. ДАМЈАН Со рацете врзани со шамијата на Темелка? ДАСКАЛ НАУМ Да, војводо! ДАМЈАН Вистина ли е и тоа дека селаниве кажувале а ти си ја пишувал претставката до Комитетот? ДАСКАЛ НАУМ Вистина е, војводо. ДАМЈАН Каде е тогаш запишаното? Зошто не дојде ни до мене ни до Комитетот? ДАСКАЛ НАУМ Не знам, војводо. Мое беше да ја напишам и јас ја напишав! Селскиот раководител зеде на себе да ја испрати. Да не би да ја зел со себе во Смилево? ДАМЈАН Зошто? ДАСКАЛ НАУМ Негова работа, војводо. Ти добро го познаваш моето мислење за него, уште кога го поставуваше имено него за раководител... ДАМЈАН Доведете ми го Темелко! (Кон Дрен.) Ти не оддалечувај се! (Кон Даскал Наума.) И ти, Даскале! ДРЕН (Се наведува. Ја зема капата.) Јас останувам, војводо! Штом ќе затреба да се врши правдата, само речи, тука сум! Мојава рака уште не научила да затреперува! ДАСКАЛ НАУМ (Се повелекува во својата колиба. Долга пауза. Од најоддалечената колиба се појавува Темелко.) ТЕМЕЛКО (Застанува спроти Дамјан. Доцни шеесетти години. Тешка снага. Погледот му е закопан в земја. Шајакна облека врз него. Високи чевли.) ДАМЈАН Повели! Седни! ТЕМЕЛКО (Седнува. Нозете ги подвиткува под себеси. Снагата му е наведната нанапред. Така седат осудените на смрт, пред да се спушти врз нивниот врат јатаганот.) ДАМЈАН Седни крснозе, ако ти е поудобно. ТЕМЕЛКО (Останува како што е.) ДАМЈАН Темелко, ти знаеш зошто те забравме од дома? ТЕМЕЛКО Не, војводо! ДАМЈАН Не? ТЕМЕЛКО Не! ДАМЈАН Ова е суд, Темелко! Треба да се зборува само вистината! ТЕМЕЛКО Јас и ја зборувам, војводо! Мене само вистината може да ми помогне. ДАМЈАН А за Организацијата знаеш? ТЕМЕЛКО Знам, војводо! ДАМЈАН И кои сме ние, знаеш? ТЕМЕЛКО Знам, војводо! ДАМЈАН Кои сме? ТЕМЕЛКО Комитите! Највисоката власт во Организацијата! ДАМЈАН А кои се во Организацијата во селото, знаеш? ТЕМЕЛКО Знам. ДАМЈАН По име? ТЕМЕЛКО По име, војводо! ДАМЈАН Кои се? ТЕМЕЛКО Сето село, војводо! ДАМЈАН И брат ти Гроздан? ТЕМЕЛКО И тој, војводо. Еден од првите! ДАМЈАН Кој друг од твоите? ТЕМЕЛКО Внуците од брат. Сите четворица! ДАМЈАН А ти: ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН А ти, Темелко? ТЕМЕЛКО војводо, ако си дојден да ја извршуваш неправдата, извршија! Нејзе не и’ требаат многу зборови! ДАМЈАН Неправдата? ТЕМЕЛКО Да, војводо! Неправдата му е пишана на човека исто колку и правдата, ако не и повеќе! Ако било пишано мојот суден час да е таа, така и ќе биде! ДАМЈАН Зошто неправдата? ТЕМЕЛКО Затоа што прашаш прашања, војводо, кои и самиот ги знаеш - одговорени! ДАМЈАН Сакам да ги чујам и од тебе, Темелко! Нашата правда... ТЕМЕЛКО ... Многу и’ се брза, војводо! Токму затоа што и да речам јас, нема да има сили да го смени она што сте го решиле за мене! Не, сум во Организацијата! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО (По долго молчење.) Прашај ја неа, војводо! ДАМЈАН Организацијата? ТЕМЕЛКО Да, војводо! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО (Го гледа долго Дамјана. Пауза.) Затоа што не ме прими, војводо! ДАМЈАН Таа не те прими? ТЕМЕЛКО Токму така, војводо! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО Не е мое да зборувам за тоа, војводо! ДРЕН Се плашиш од вистината, војводо, затоа откажува да одговори! ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Овде каде што сум поставен, војводо, нема повеќе место за страв! Ни стравот човек не може да го однесе в гроб! Ни вистината! Само човештината! ДРЕН И нечовештината! ТЕМЕЛКО (Предизвикан од Дрен.) Непокрстувањето, војводо, мене триж повеќе ми тежи отколку на тие што се покрстени! (Пауза.) Имам челад, војводо! Имам, како што знаеш и самиот, само женска челад! А само тој што има женска челад знае колку тежи да си прокажан! Изделен од своите, како далга! ДАМЈАН Значи, според тебе, Темелко, ти си непокрстен во Организацијата затоа што таа не те примила? ТЕМЕЛКО Токму така, војводо! Ме мири со мене самиот само мислата што на Македонија може да и’ се служи и непокрстен! Македонија ја родила Организацијата, а не Организацијата Македонија! ДРЕН Со предавство и’ се служи на Македонија? ТЕМЕЛКО (Долго молчи.) За миг се добива впечаток дека ќе замолчи засекогаш.) Јас не сум предавник, војводо! Ни пред господа, ни пред луѓето! Ни пред себеси! ДРЕН А со Керим Бег не сте пријатели? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Со душманот свој не може да се биде пријател, војводо! ДАМЈАН Со душманот? ТЕМЕЛКО Токму така, војводо! ДАМЈАН Се зборува дека си се... братимел... со Керим Бег? ТЕМЕЛКО Јас? ДАМЈАН Ти, Темелко! ТЕМЕЛКО Ако може човек да се збратими со смртта, тогаш и јас сум се братимил со Керим Бега! ДАМЈАН Не си ни пријателувал? ТЕМЕЛКО За некои од селово, војводо, некому да му речеш и само добар ден е да - пријателуваш! ДРЕН Мислиш за мене? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Го прибираш ли Керим Бег во својот дом, Темелко? ТЕМЕЛКО Да, војводо! Пред лицето на целото село! ДАМЈАН Си излегувал, велат, пред него дури и под село, в поле? ТЕМЕЛКО Да. ДРЕН Кога и да дојде в село, кај тебе кондисува или јас лажам? ТЕМЕЛКО Да. ДАМЈАН Да, војводо! ДРЕН Го честиш? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Мојата куќа е домаќинска. Кој влегол во неа не останал непочестен! ДРЕН Му теманиш? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Никому јас не му теманам, војводо! Една глава носи само човек на рамениците, за да темани секиму! Не, војводо! Имаме само една умирачка! ДАМЈАН Те виделе... ТЕМЕЛКО Тие што ме виделе, војводо, нека излезат овде пред мене и нека ми го речат мене в лице! (Молк. Долга пауза.) ДАМЈАН Како ќе ми го објасниш, тогаш, кондисувањето на Керим Бег кај тебе? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДРЕН Гледаш! ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Ми ги фатил камен нозете, војводо! ДРЕН Сега или кога го примаш Керим Бег? ТЕМЕЛКО (Молчи. Гледа околу себеси. Се двомисли дали воопшто да зборува.) Знаењето, војводо, нема сили да го куртули човека од тоа што му е судено! Во животот наш судиите веќе пресудиле! ДАМЈАН Не те разбирам. ТЕМЕЛКО Пред неколку години ме надежди Нечестивиот та се подлагав да купам половина од чифликот на Керим Бег. Се пушти глас дека тој ѕвер ќе си заминува за Стамбол. Се здоговоривме едната половина од чифликот да ми ја даде веднаш, а второта откако ќе измине година, во случај тој да не си отиде и порано! Му ја платив првата половина веднаш, пред луѓе, пред сведоци, во самиот уќумат, како што е ред. Се пишаа и книги. Даскал Наум ги провери книгите и рече дека се во ред. Но, за да биде посигурно, јас сите тие договорни книги ги однесов кај самиот валија, во Битола. Тој ги виде и ги потврди. Помина годината и - како што е знајно - Керим Бег ниту си замина, ниту ми ја предаде втората половина! Ниту пак ми ги враќа парите! Се прави стопан на обете половини, а и на моите пари! А јас и моите го работиме целиот чифлик! Згора на сето кога ќе дојде да се собира летината, неговите луѓе се тие што го делат моето од неговото! А се знае тие како можат да го делат! Ете, тој кемен ми ги врза нозете, војводо, та... ДРЕН Приказни! ДАМЈАН Даскал Науме, вистина ли е ова што го зборува Темелко? ДАСКАЛ НАУМ Вистина, војводо. ТЕМЕЛКО Овие плеќи знаат како сум ги печалел тие пари, војводо! Последниот пат кога бев во Битола, се допрашав и до еден наш авукат. Ми рече: Гледај, Темелко, вели, со добро, зашто Керим Бег може, ако пофти, да го поништи не само реченото, туку и пишаното, сосем како никогаш и да го немало! Белки со доброто ќе го натераш барем да ти го врати тоа што е твое! ДРЕН Затоа Керим Бег толку многу се фали од тебе! ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Зошто да не се фали, војводо, кога ме пљачка! ДАМЈАН Керим Бег знае за Организацијата? ТЕМЕЛКО Знае, војводо! Како што знае и самиот Султан! ДАМЈАН Те распрашува за неа? ТЕМЕЛКО Ме распрашува. Одвреме навреме. ДАМЈАН За пример? ТЕМЕЛКО Дали поминуваат комити низ селото? Кој ги пречекува? Каде? Кој ги рани? Каде се местата каде што престојуваат комитите? ДАМЈАН И ти? ТЕМЕЛКО Што: јас, војводо? ДАМЈАН Што му одговараш? ТЕМЕЛКО Тоа што ме носи редот, војводо! (Пауза.) Не сакам челадта моја и од гробот мој да се срами! ДАМЈАН Последниот пат кога беше кај него, што те распрашуваше Керим Бег? ТЕМЕЛКО Кога: последниот пат? ДРЕН На два дена пред да го усмртат Црнамара! ТЕМЕЛКО (Молчи. Долга пауза.) ДАМЈАН Зошто замолче? ТЕМЕЛКО (По долга и мачна пауза.) За убиството на Црнамара не сакам да зборувам, војводо! ДАМЈАН Не сакаш да зборуваш? ТЕМЕЛКО Не, војводо! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО Затоа што - не сакам! ДАМЈАН Знаеш што значи тоа во твојата ситуација? ТЕМЕЛКО Тоа што сте го намислиле, ќе го сторите: рекол јас нешто или не! ДРЕН Значи: Откажуваш да зборуваш за убистовото на Црнамара? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Откажувам, војводо! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО Честа е и над смртта, војводо! ДРЕН Даскал Науме? ДАСКАЛ НАУМ Слушам. ДАМЈАН Во чие трло е најден трупот на христо Црнамара? ДАСКАЛ НАУМ Во трлото на Темелка! ДРЕН Нишан некој најден ли е кај него, мртов? ДАСКАЛ НАУМ Најден е, војводо! Рацете му беа врзани, наназад, зад грб, со голема алова шамија! ДРЕН Чија е таа шамија? ДАСКАЛ НАУМ (Молчи.) ДРЕН (Посега в пазува. Ја вади шамијата.) Еве ја, војводо! Еве ја шамијата што беше најдена со трупот на Црнамара! ДАМЈАН Оваа ли е шамијата, Даскале? ДАСКАЛ НАУМ Таа, војводо! ДАМЈАН Ти, даскале, знаеш чија е? ДАСКАЛ НАУМ (Молчи.) ТЕМЕЛКО (По подолга пауза.) Шамијата е моја, војводо! ДАМЈАН Твоја? ТЕМЕЛКО Моја! ДАМЈАН Што бара таа твоја шамија кај Црнамара? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДРЕН Молчиш? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Јас, војводо: За убиството на Црнамара нема да зборувам! ДАМЈАН Значи, Темелко, ако е вистина дека шамијава што е најдена кај Црнамара е твоја... ТЕМЕЛКО Вистина е, војводо! ДАМЈАН ... тогаш мора да постои некакво објаснение како се нашла таа кај него и зошто со неа му биле врзани рацете? ТЕМЕЛКО (Молчи. По долга и напната пауза.) Тие што му ги врзале рацете на Црнамара, војводо, тие нека зборуваат! Јас немам што да речам! ДАМЈАН Значи: ти не си? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДРЕН Се разбира дека ќе молчи! ТЕМЕЛКО На мојот збор не му се верува, војводо! Која полза ќе да е јас и да речам дека не сум? ДРЕН Да не би да е момокот? ТЕМЕЛКО (По пауза. (На Дамјана.) Не, војводо! Момокот беше далеку, дури во Костур! ДРЕН Зошто? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Го испратив да се види со своите домашни, војводо! ДАМЈАН Кој го испрати во Костур? ТЕМЕЛКО Јас, војводо! ДРЕН Токму во дните од убиството на Црнамара! Да не попречи, нели? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДРЕН Молчиш? ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Молчам, војводо! ДАМЈАН Зошто? Зошто кога знаеш што значи за тебе твоето молчење? ТЕМЕЛКО Затоа што: тој што ми заповеда да го испратам момокот во Костур, треба сам да излезе и да каже зошто? Јас и да кажам, војводо, кому ќе му се верува? (Долга пауза.) ДАМЈАН Овде ли е? ТЕМЕЛКО (По долга и напната пауза.) Тој самиот најдобро знае; овде ли е или не. војводо! Моја рака нема да се крене да го покаже, тој самиот ако не излезе на видело, макар и... ДАМЈАН Но... ТЕМЕЛКО Во таа работа нема „но“, војводо! (Пауза.) Ти знаеш дека во твоето трло се наоѓа Христо Црнамара? ТЕМЕЛКО Знаев, војводо! Знаев уште кога никој не знаеше во селово! ДАМЈАН Ни Организацијата? ТЕМЕЛКО Ни Организацијата, војводо! ДАМЈАН Како така? ТЕМЕЛКО Така треба да биде, војводо! Така ми рече самиот Црномара? ДАМЈАН Самиот Црномара? ТЕМЕЛКО Да. војводо! Јас и не сакав, се противев, тој да отиде во трлото додека сосема не прездрави! Но ете, не послуша! Такви сте, војводо! Рече дека оди во трлото затоа што работата за која дојде не можела да чека... ДРЕН Работата? Црнамара зборувал со тебе за работата за која бил дојден? Сенешто! ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Да, војводо! ДАМЈАН Која е? ТЕМЕЛКО Што? ДАМЈАН Работата за која беше дојден Црномара? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Зошто молчиш сега? ТЕМЕЛКО Затоа што дадов клетва, војводо! Клетва дека ќе молчам, што и да стане, с? додека тој самиот не ме ослободи од клетвата! ДАМЈАН Кој? ТЕМЕЛКО Црнамара, војводо! Тој е сега мртов и не може да ме ослободи од клетвата! Затоа таа и ќе умре со мене! ДРЕН Приказни! (Долга пауза.) ДАМЈАН Друг некој знаеше дека Црнамара е кај тебе дома? ТЕМЕЛКО Никој, војводо! Само јас и моите домашни! ДАМЈАН Твоите домашни? ТЕМЕЛКО Да, војводо! ДАМЈАН Сигурен ли си? ТЕМЕЛКО Како што те гледам, еве, сега тебе, војводо! (Пауза.) Христо Црнамара ми испрати писмо да одам во Костур, да се јавам кај Костадина Невесков, таму ќе ми било кажано што да правам понатаму! писмото ми го предаде човек на Мас-пазар во Битола. Јас отидов кај Костадина Невесков и тој ме одведе кај Христа Црнамара. Во една колиба над Костур. Отаде, јас и тој, војводо, јас и Христо Црнамара патувајќи само ноќе се префрливме во нашето село. Тој сакаше да отиде право во трлата, јас не го пуштив, додека не закрепне од болеста! Мојот дом е домаќински, војводо! Во него тајни и предателства нема! ДАМЈАН Го имаш ли писмото со кое те повика Црнамара? ТЕМЕЛКО Го имам, војводо! Ако пратиш некого од твоите луѓе со мој нишан кај мене дома, домаќинката моја ќе му го даде! Таа знае каде е? ДРЕН Таквите работи не се чуваат, освен со премисла! ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Значи додека црнамара беше кај тебе дома за него знаеш само ти и твоите домашни? А после, откако се префрли во трлата? ТЕМЕЛКО Откако се пефрли во трлата знаеја и тие што го усмртија, војводо! ДАМЈАН Ти ги знаеш нив? ТЕМЕЛКО (По многу догла пауза.) Се знаат тие самите, војводо! ДАМЈАН Кој им кажа? ТЕМЕЛКО Што? ДАМЈАН Деке Црнамара е кај тебе во трлото? ТЕМЕЛКО Јас, војводо! ДАМЈАН Ти? ТЕМЕЛКО Јас! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО Затоа што така ми заповеда самиот Христо Црнамара! (По пауза.) Само што тој не веруваше дека тие ќе го усмртат, војводо! ДАМЈАН Црнамара имаше доверба во нив? ТЕМЕЛКО (По долга пауза.) Тој дојде кај мене, а не каај нив, војводо! (Пауза.) Добриот и искрениот човек, како Црномара, војводо никогаш не знае колку длабоко е злото во лошиот! Во тоа е страдањето на добрите! Не подозираат дека злото може с?! Го може дури и она што не му е по силите на доброто! Се плашам... (Замолчува. Пауза.) ДАМЈАН Зошто замолче? ДРЕН Да смисли! ТЕМЕЛКО (На Дамјана.) Подобро е јас да молчам војводо! ДРЕН војводо... ДАМЈАН Го прашав Темелка, Дрен, а не тебе! ДРЕН војводо, па зар не гледаш дека тој се обидува да рече дека самата Организација го усмртила Христа Црнамара? Својот највисок раководител, душата на цела Јужна Македонија? И уште така дивјачки го усмртила како што се усмртуваат само змиите, војводо? војводо... ДАМЈАН (Го прекинува Кон Темелка.) Свесен ли си што рече, Темелко? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДРЕН Такво обвинение против Организацијата не изрекол уште никој, војводо! Ни самите Османлии! А такв амисла и такво обвинение може да се роди само во главата на предавникот, војводо! Зошто само тој може... војводо, луѓе, ако сме стигнале дотука - како Што сака да не обвини Темелко - сами да си ги усмртуваме своите најголеми луѓе, што може да чека од нас тогаш Македонија? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН (Кон Темелка.) Не молчи! Ти заповедам! Од името на Организацијат ти заповедам! ТЕМЕЛКО (По долга пауза и двемислења.) Јас сакам да умрам со вистинста на уста, војводо! Само така ќе можам да си се претставам и пред Господа и пред Гриста Црнамара - ако има среќавање таму, кај нив - чист и свој! И со отворени очи и чист образ да им погледам в очи! (Кон сите околу него.) Вие можете да ми го одземете животот, пријатели, честа и вистината не можете да ми ја одземете! Порано или подоцна - мртов јас или жив, сеедно - вистината ќе излезе на видело! Ете, за тој час јас и ќе умрам, војводо, затоа што верувам дека, имено, кога ќе дојде тој час вистината ќе ме измие и мене и мојата умирачка и пред челадта моја и пред паметењето на Македонија! Да не верувам во тој час, зар би умирал, војводо? Би ја скршил клетвата, како што ја кршат толкумина, би клекнал овде пред тебе и на коленици би го измолил својот живот, а... а... (Замолчува за миг. Се двомисли дали да дорече. продолжува.) ... а и би продолжил да живеам, како што живеат мнозина, војводо, и како што ќе продолжат да живеат - јас откако ќе загинам - тие што го усмртија Црнамаа! Затоа ним им се брза, војводо! Им се брза, војводо, од правдата да направат своја слугинка, за да можат - мене откако ќе ме нема - да си го продолжат своето... (Собира здив. Го крева погледот и го гледа Дамјан право в очи.) Ти и самиот рече, војводо: „Вечерва ќе си судиме себеси!“ Јас само ќе речам, војводо: Си судиме себеси, при што не им судат во овој наш суд само тие што се провозгласиле себеси за обвинители и судии, туку и самите обвинети им судат на тие што се обвинители и судии! Пресудата, војводо, кога ќе исплива вистината, од пресуда над обвинение - ќе се престори во пресуда и над судиите и над обвинителите! Јас така ја разбирам Македонија, војводо! Јас ја признавам силата, војводо, но не верувам во неа! Таа може да ме усмрти не еднаш туку стопати, но ниту еднаш не ќе може да ме насили да се покрстам во верник на нејзината - сила! Таков ме создале овие планини, војводо! Јас - свршив! (Долга пауза.) ДАМЈАН Кажи го! ТЕМЕЛКО Кого, војводо? ДАМЈАН Тој, кому му кажа дека христо Црнамара е во твоето трло! ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Не молчи! ТЕМЕЛКО Има и самиот уста, војводо. ДАМЈАН Како што гледаш, Темелко, тој молчи! Не се јавува! А ако не се каже... (Замолчува.) ТЕМЕЛКО (Смирено.) Тогаш така треба да биде, војводо! Јас да умрам, тие да останат! (Пауза.) Болеста е потешка, војводо, отколку што мислите! Мене тоа ми стана јасно уште штом ти самиот дојде кај мене дома да ме забереш! ДАМЈАН Темелко! ТЕМЕЛКО (Го гледа Дамјан долго в очи. Долга, се чини бесконечна, пауза. Молк.) ДАМЈАН Одведете го во неговата колиба! ТЕМЕЛКО (Станува полека. Ја исправа снагата. Стои едно време простум. Не гледа во никого, како да се загледа некаде во себеси. Трга. Оди таму од каде што дојде. Потонува во мракот. Долга, мачна, пауза.) ДАМЈАН (Стои и замислено гледа во ноќта околу себе. Штама. Потоа, неговиот поглед се загледува во погледите на луѓето околу него. Селаните еден по еден ги сведуваат погледите. Гледаат в земја. Молк.) ДАМЈАН Дрен! ДРЕН Слушам, војводо! ДАМЈАН Уште ли стоиш на своите обвиненија? ДРЕН Уште, војводо! Мојата вера во вистината е посилна од моите зборови! Јас не умеам да зборувам како Темелко, војводо, но ја знам вистината! Темелко е предател, војводо, и друга вистина нема! Тој и никој друг! Сето друго се приказни! И самиот виде кои што цели тој, војводо, цели да поверуваме дека самите ние, Организацијата наша света, си ги усмртува своите најголеми луѓе! Зар дотука дојдовме, војводо, зборот на еден што се братими со Керим Бега да има повеќе тежина во нашата Организација од нашиот? (Дише забрзано.) Да поверувам во тоа што го вели тој, војводо, значи - за мене - да поверувам дека: јас сум убиецот! Токму така, војводо! Зашто: јас сум Организацијата. Како што си ти! Како што сме сите ние овде! Сета Македонија! Не, војводо! Организацијата не може да ја крене раката против некого, а таа рака истовремено да не е мојата, твојата, нашата ака! Зашто други раце и нема Организацијата. Ти, војводо... ако ги милуваш повеќе тие негови приказни, повели! Јас - нема! И не само тоа; туку нема да ти допуштам ни тебе! За мене слосторот е докажан! Останува само да се изврши - правдата! (Собира здив. едно време се слуша само неговото дишење.) Ме плаши, војводо... ме плаши тоа што, еве, и во овој случај раката на Организацијата почнува да трепери, како што и’ затрепери кога ме спречи, во лицето на селскиот раководител и на Даскал Наума, да го предодвратам убиството на Црнамара! Зашто... зашто: ако останеме на ова што сме, војводо, те прашам... те прашам: кој од нас ќе е следниот Христо Црнамара? (Пауза.) За востанието, војводо, нема пострашна опасност отколку нему самему кога ќе му затрепери раката! (Пауза.) ДАМЈАН Ти даскале? ДАСКАЛ НАУМ Што, војводо? ДАМЈАН Ти што мислиш? ДАСКАЛ НАУМ (Молчи.) ДРЕН Губиме време, војводо! Губиме време, а може многу лесно да се случи да ги загубиме и главите! Керим Бег и османлиите нема да се двемислат да ги кренат против нас своите потери штом ќе узнаат дека сме го забрале Темелка! (Застанува пред Дамјана. Лице в лице.) војводо, ти се молам: пушти ме мене... јас да ја извршам правдата! Јас, ако затреба, јас... јас ќе ја преземам сета одговорност и пред бога и пред Организацијата! И пред кого ќе ме повикате! Со својов живот ќе ја платам, војводо! Само... (Дише длабоко. Чујно. Скоро во крик.) Времето секогаш работи за предавниците, војводо! Македонија е ова! (Удира со капата од земја. Долга, напната пауза.) ДАМЈАН Даскале? ДАСКАЛ НАУМ Молам, војводо! ДАМЈАН Ти што мислиш? ДАСКАЛ НАУМ Јас? ДРЕН Ти, даскале! ДАСКАЛ НАУМ Јас... јас го мислам истото што го мислиш и ти, војводо! ДРЕН Ти секогаш си го мислел тоа што го мислат другите! Како и тогаш со селскиот раководител! Сеедно што пред тоа ти самиот ми велеше дека имам право и дека треба да му се пресече патот на Темелка кога тргна кон Керим Бега! ДАМЈАН (Кон Даскал Наум.) Го мислиш ли истото што го мислам јас? ДАСКАЛ НАУМ Да, војводо! ДАМЈАН (Горчливо.) Што мислам - јас, даскале? ДАСКАЛ НАУМ (Молчи.) ДРЕН војводо... ДАМЈАН (Го прекинува.) Нека зборува даскалот! ДАСКАЛ НАУМ (Молчи. Пауза.) Јас... јас, војводо, уште во докладот за убиството на Христо Црнамара, заедно со Дрен и со останатите селани, членови на Организацијата, го... го соопштив писмено моето мислење, војводо! ДАМЈАН Докладот не стигна до мене, даскале! ДАСКАЛ НАУМ Не стигна? ДАМЈАН Не! (Пауза.) Како, даскале? (Пауза.) Јас дојдов овде, кај вас, за да се сретнам со Црномара и заедно со него да тргнеме за Смилево. Од вас, овде вечерва узнав за неговото убиство. Мислам дека на Централниот комитет не знае дека Црнамара е мртов! ДАСКАЛ НАУМ (Молчи. Долга пауза.) Доказите се јасни, војводо! Според мене, како што и напишал во докладот, тие не оставаат никакво сомневање! ДАМЈАН Доказите? ДАСКАЛ НАУМ Да, војводо! (Пауза.) Впрочем, нив ги призна и самиот Темелко? ДАМЈАН Даскале... (Замолчува.) ДАСКАЛ НАУМ Слушај, војводо. ДАМЈАН ... ти би го осудил на смрт Темелка и би го стрелал - зашто ние, вечерва, можеме или да го осудиме на смрт и да го стреламе или да го ослободиме - ти би го осудил на смрт и би го стрелал само врз основ на фактот со кои - како што велиш ти - ние располагаме? ДРЕН (Крикнува.) Мајчице! (Горчливо.) Стануваме меки, војводо! Меки кон - предавниците! Тие не предаваат нас, ни ги толчат главите како на змии, не закопуваат со главата надолу а со нозете над земја... а ние... ние... ние кукумјавчиме... како што кукумјавчиме вечерва... кукумјавчиме над нив како никогаш што не сме се замислиле и расчувствувале над нашите сопствени јунаци! Зашто, што е ова што го правиш ти, војводо? Што - ако не игра што треба да не наведе кои роштавање? Да му ја спасиме главата на Темелка, да го помилуваме предавството! Тоа! Не, војводо! Се мамиш! Дрен тебе тоа ти го вели! Никој од нас, овде збраниве, не мисли како тебе и не е со тебе! Така да знаеш! Не гледај ме така, војводо! Страв не ќе видиш во моиве очи! Ниту пак страв ќе ме запре да ти го речам в лице сето што го мислам за тебе, вечерва. Ако да сакаш и илјадапати да си тоа што си - Дамјане! Јас не се плашам, војводо! Дури ни од себеси не се плашам, како што се плашат некои други! Мекоста и синсходителноста никогаш не биле закон во нашата Организација! Правдата - за која се залагаш ти - и’ штети на Организацијата триж повеќе кога им проштава на предавниците, отколку кога - како што мислиш ти - ќе згреши накажувајќи некого како Темелка! - Проштавањето ги коти предавниците, војводо! Ги коти! (Одеднаш губи волја да зборува. Уште погорчливо.) Тешко и горко на Македонија со нас, војводо! Мајчице, како да те убедам, војводо, дека играта што ја игра Темелко има само за цел тој да добие во време додека стигнат потерите? Многу крв ќе земеш на душа, војводо! Наша крв! (Подолго време Дамјан и Дрен се гледаат в очи. Дрен сиот трепери. Дамјан прави напори да се воздржи.) ДАМЈАН (Откако ќе му успее да се соземе, почнува да зборува, но зборува не како да му се обрнува на Дрен или на селаните, туку некому длабоко во себеси.) Па сепак, Дрен, ја извршиле ли ние правдата - како што бараш ти со тоа што ќе го стреламе Темелка, не толку заради Темелка, колку за нас самаит, за мене, за тебе, за Организацијата - или почекале додека се утврди вистината; како и зошто е убиен Црнамара, тој најпроверен мајстор на конспирацијата од сит нас, како и зоШто се случило имено тој да дозволи да биде изненаден имено во трлат на Темелка, сам без никого со себеси и без поддршка на Организацијата и тоа во село како вашето? Го стрелале ли ние Темелка, Дрен, или не ќе мораме да си одговориме: Зошто Христо Црнамара не дошол кај тебе, кај Даскал Наум или кај било кого од членовите на Организацијата, туку решил да допатува сам и притоа да му се јави само нему - на Темелка? И, згора на сето, да отиде кај него дома? Мора да постои некакво објаснение, Дрен, за тоа зошто така постапил? И уште нешто, Дрен: Пред да го стреламе Темелка, сите ние ќе треба да си одговориме на прашањето - зошто Темелко, кога веќе решил да гопредаде Црнамара, не го сторил тоа додека Црнамара лежел кај него, дома, болен? Зошто не го потоморил без да остане по потоморувањето и штогоде трага, туку одбрал да го води Црнамара на своите трла и згора на сето да му ги врзува рацете со шамијат по која сите ние, веднаш, ќе го препознаеме како убиец? Зошто, на крај, не го закопал сосема в земја, туку му ги оставил нозете над земја ние да ги откриеме и да го... стреламе него како предавник? Стрелањето, Дрен на Темелка нема да не ослободи од обврската да го размислиме сето тоа и да ја откриеме вистинската вистина! ДРЕН (Се обидува нешто да рече.) ДАМЈАН (Го прекинува.) Јас зборувам! И, на крај, Дрен, ние мораме да утврдиме зошто тие што знаеле за престојот на Црнамара во трлата на Темелка - ако знаеле - не се јавуваат и с? уште молчат? ДРЕН Молчат затоа што ги нема, војводо! ДАМЈАН Ги нема? ДРЕН Ги нема, војводо! ДАМЈАН А што ако Темелко реши, Дрен, на самиот смртен час да крене рака и да го покаже? ДРЕН Тој, може, војводо, да крене рака и да го покаже секого! Дури и тебе! Токму таа е и неговата цел: да внесе смут измеѓу нас, да не скара, да го урне доверието што си го имаме еден кон друг... и на тој начин не само да си го продолжи животот до потерите, туку и да ни одмазди! Што ќе треба да правиме ние, војводо, тој за пример, ако крене рака и покаже на тебе како убиец на Црнамара? Ќе треба ли да му поверуваме? Да те стеламе тебе, а него да го ослободиме? И уште да му заблагодариме што ни го открил убиецот? Што да правиме, војводо? ДАМЈАН А ако има докази? ДРЕН Докази? Дека си ти убиецот на Црнамара? ДАМЈАН (Молчи.) ДРЕН Да имаше тој такви - или било какви докази, војводо - Темелко ќе ги покажеше! Човек не умира, војводо, ако може да ја спаси главата! Не умират така ни нашите револуционери, а камо пак ќе умре Темелко! Уште помалку човек прима да умре како предавник, ако не е! Зашто, од сите умирачки на светов, војводо, најстраотна е умирачката на - предавникот! Предавството е нејзина иднина, засекогаш! ДАМЈАН (По пауза.) Даскале? ДАСКАЛ НАУМ Јас реков, војводо! (Предолга пауза.) ДАМЈАН Гледа околу себе. Се загледува во комитите. Во селаните седнати околу.) Вие што мислите? (Молк. Штама.) Еден по еден комитите и селаните ги наведуваат главите и гледаат в земја.) Го наоѓате ли виновен Темелко? (Никој не одговара.) Пауза.) Го наоѓате ли виновен Темелко? (Пак никој не одговара. Пауза.) ДРЕН Што молчите? Што не го речете тоа што ми го велевте мене! И што му го велевте на Даскал Наума додека го пишуваше докладот? (Никој не одговара. Ја крева капата од земја и со неа го брише лицето.) Не молчете, по ѓаволите! Ако сте луѓе! (Оди од еден до друг, им ја крева главата и на секого му се загледува в очи. Откако тој во кого се загледува не ќе одговори, му ја отфрла главата и таа пак се загледува в земја. Откако ќе сврши, јакнува. Јакнува толку силно што сите се стреснуваат. Ги полазуваат морници.) Аааах! (Се фрла на земја и го закопува лицето в земја. Молк. Штама. Од длабината се задава еден комита од тие што се стража.) КОМИТАТА (Брза. Откако ќе се доближи, застанува пред Дамјана и докладува.) Потери, војводо! ДРЕН (Со лицето закопано в земја. Со уста полна земја, крикнува.) Аааах! ДАМЈАН Каде? КОМИТАТА Тргаат од полето кон нас, војводо! Ќе да се на два до два и пол часа од нас. ДРЕН (С? уште со главата закопана в земја, вика.) Реков! Реков јас! ДАСКАЛ НАУМ С? уште не е доцна да се изврши правдата, војводо! ДАМЈАН (Не им обрнува внимание на неговите зборови. Сосем како да не ги чул. (На комитата.) На своето место! КОМИТАТА Слушам, војводо! (Си оди.) ДАМЈАН (На комитите и на селаните, кои се веќе испостанати.) Тргаме! Селаните нека се повлечат заобиколно, зад грбот на потерите и право в село. Четата со Темелка, со тебе Даскал Науме и со Дрен, ќе се префрли преку сртот и ќе замине за Вичо! Судењето ќе го продолжиме на истово место, откако ќе одминат потерите! СЕЛАНИТЕ И КОМИТИТЕ (Се разотидуваат мирно и во ред.) КОМИТИТЕ (Го празнат трлото.) ДРЕН (Останува да лежи со лице закопано во земјата, сиот престорен во грч.) КОМИТИТЕ (Го изведуваат Темелка и го водат кон Дамјана.) ТЕМЕЛКО (Штом ќе се израмни со Дамјана сам ги подава рацете напред за да му ги врзат.) Ти се молам, војводо! (Му ги врзуваат. Тргаат со него кон излезот од трлото.) ДРЕН (Одеднаш, како веда, се отфрла од земјата, во рацете му блеснува долга кама. Веќе следниот миг се обидува со камата да го прободе Темелка во срцето.) ТЕМЕЛКО (Во последниот миг успева да се подистави и камата го промашува срцето и се забодува во горниот дел од градите, во рамото.) ДАМЈАН Дрен! (Веќе следниот миг тој и комитите се врз Дрен и му ја одземаат камата.) ДРЕН (Лежи пак на земја, само сега со лицето горе и гледа во Дамјан.) ДАМЈАН (Долго стои над него. Пауза.) ТЕМЕЛКО (Стои мирно. Од раната тече крв.) ЕДЕН ОД КОМИТИТЕ (Му се приближува и со шамија сака да ја запре крвта.) СЕЛАНИТЕ И КОМИТИТЕ (И покрај тоа што беа оддалечени, се враќаат. Формираат круг околу Дамјана и околу Дрен.) ДАМЈАН (Не може да си ги оддели очите од Дрен. Молк. Штама.) Врзете го! (Покажува на Дрен.) Никој не се помрднува од место.) Врзете го! ДВАЈЦА КОМИТИ (Се одделуваат од групат и му се доближуваат на Дрен. Го врзуваат.) ДАМЈАН (Откако ќе го врзат Дрен и ќе го исправат простум.) Тргајте! И внимателно! (Тргаат. Напред го водат Дрен, по него Темелка. Се оддалечуваат. Остануваат само Дамјан и Даскал Наум.) ДАМЈАН Одиме, даскале! ДАСКАЛ НАУМ Јас... јас би можел, војводо, и со селаните, нели? Уште повеќе што селскиот раководител, како што ти е познато, не е во село! Не можеме во часовите што идат селото да го оставиме без... ДАМЈАН (Го прекинува.) Не, даскале! Подобро ќе да е и ти да си со нас! Зашто, ако има предавство, те имаат предадено и тебе! Впрочем, даскале , претпазливоста во ваквите ситуации никогаш не е на одмет! уште повеќе што стоиме пред востание! Штом ќе се утврди дека нема предавство, ќе можеш да се вратиш в село! ДАСКАЛ НАУМ (По пауза.) Ти како ќе заповедаш, војводо! ДАМЈАН (Трга. Застанува. Го гледа Даскал Наум в очи.) Што ќе речеш, даскале? ДАСКАЛ НАУМ За што, војводо? ДАМЈАН За она што го стори Дрен? ДАСКАЛ НАУМ (Молчи.) ДАМЈАН (Штом не ќе добие одговор, трга. По него трга и Даскал Наум. Пред да излезе од трлото, се врти.) Да ми е само да знам: како насетиле Османлиите дека сме овде? Имено: овде? ДАСКАЛ НАУМ (Молчи.) ДАМЈАН (Се врти и излегува од трлото. По него, обѕрнувајќи се, излегува и Даскал Наум. Трлото останува пусто. Мрак. Штама.) крај на првото дејствие II дејствие - Повеќе седмици подоцна (Истото трло. Повеќе седмици подоцна. Ѕвездена ноќ. Јасна месечина. Топло. Сноп светлина го осветлува Дрен. Двајца комити тукушто му ги одврзуваат рацете. Ослободен и некако извишен. Откако ќе ги сети рацете одврзани, ги раздвижува ракатките и прстите. Комитите си одат. Друг сноп светлина го осветлува Дамјана. Поцрнет уште повеќе во лицето. Неколку седмици небричена брада му го урамува лицето. Дамјан и Дрен се сами во трлото.) ДРЕН (Покажува на штотуку одврзаните раце.) Најпосле! ДАМЈАН (По подолга пауза.) Зошто се обиде да го убиеш Темелка? ДРЕН (Го гледа долго Дамјана.) Да не ме оставеше да ја извршам правдата, војводо, немаше да ги загубиме сите другари... што ги загубивме! (По пауза. Грубо.) Правдата бара жртви, војводо, а само неправдата се расфрла со нив како да се - ситна пара! Уште повеќе кога тие жртви се други... а не ние, нели? ДАМЈАН Прашав: Зошто се обиде да го убиеш Темелка? ДРЕН Одговорив! ДАМЈАН За да го спречиш да ја каже - вистината? ДРЕН Која вистина, војводо? (По пауза.) Тој сега знае повеќе вистини! ДАМЈАН Вистината: кој го усмрти Црнамара? ДРЕН Вистината: кој го усмрти Црнамара, војводо, ја гледаат сите јасно! Дури и тие што не сакаат да ја видат! Само уште ти откажуваш да ја видиш, војводо! Зошто - тоа е твоја работа! Но, ништо не се случува без причини, без вистински причини, војводо! ДАМЈАН Сосем како што не се случи без причина и твојот обид да го убиеш Темелка? ДРЕН Бездруго, војводо! (По пауза.) Само што востанието ќе докаже: кои од тие причини биле револуција, а кои предавство! Тоа што е некој сила на денот, каква што си ти вечерва, војводо, со тоа што си војвода, нема да ја изнасили вистината таму - пред времето и пред востанието! Времето не ги признава силните на денот! За него тие се сменуваат како летни дождови, без да остават штогоде трага и паметење по себеси! Освен кога се насилништво! ДАМЈАН (По долга пауза. Откако ќе се соземе.) До каде ќе ја дотераме, Дрен, секој од нас ако се провозгласи, само заради тоа што станал член на Организацијата, и за обвинител и за судија и за џелат? Ние сме револуција, Дрен! Народна револуција! А не ајдучија! Тоа што немаме закони според кои би суделе, не значи дека секој од нас има право да се провозгласи себеси за - закон! ДРЕН (Го прекинува.) Токму така, војводо! Впрочем, еве до каде ја дотера твојот закон: чесните револуционери... (Покажува на своите раце и на траговите што ги оставиле врз нив јажињата со кои беа врзани.) ... да бидат врзувани исто како и предавниците! Дотука, војводо, што да не се знае повеќе: Кој е револуционер, а кој предавник! Само правдата на нсчистите и на потисниците е слепа за овие вистини, војводо! Мојата - не! Нејзе Делчев и’ ги отвори очите! Делчев! ДАМЈАН Лесно е да се крене рака на човека, Дрен. Уште полесно е да му се одземе животот! А најлесно од с? е: да се прогласи човек за предавник! Особено овде кај нас, во Македонија, каде с? уште има само предавници? Најтешко во секоја борба, дрен па и во нашава, е да се дојде до вистината. Без неа, без вистината, дури и правдата на револуцијата - на која се повикуваш ти - станува насилништво! Според мене, Дрен, вистина е тоа што го прави револуционерот да е револуционер, а насилништвото без вистина - порано или подоцна, дури и во пазувите на самата револуција - може од револуционерите да направи самозаборавени насилници! А нам, на Македонците, Дрен, токму во овие денови кога стоиме пред востанието, вистината ни’ е понасушна од с?! Што и да решиме ние во Смилево, нема да ја зголеми нашата боева сила, да не направи војнички посилни од османлиите! Токму затоа и мислам дека вистината нам ни е, овие денови потребна и од самото оружје! Не гледај ме така, Дрен! Погледај околу себеси! Обѕирни се! Ќе видиш дека с? што се крева против нас, а во прв ред Врховистите и туѓите пропаганди и апетити, нема друга цел освен нас самите да н? одреди од вистината! Едни другему, без вистината, да си станеме - непријатели! Да почнеме да се самоистребуваме! Без докази. Без суд. само врз тоа некој што ќе ни’ потскаже! ДРЕН (Грубо.) Доста! (Пауза.) Што треба да се случи, па да поверуваш најпосле и ти во вистината? Наместо да ми читаш проповеди, прашај се, макар само еднаш: Зошто сум, речи си, и зошто останувам и понатаму и глув и слеп за вистината во случајов со Темелка? Многуте зборови се повикуваат на помош тогаш кога... Или, можеби, не се прашаш затоа што мислиш дека тоа што си војвода ти дава право да се поверуваш себеси и како нејзин - стопан? Стопан не само на вистината, туку и на самата револуција! И на самото востание? (Жолчно.) Одговори ми сега ти мене: До кога ќе ја дотераме сите ние - и Македонија со нас - секој од нас штом ќе стане војвода или штогоде раководител во неа, ако се провозгласи себеси за стопан - и на револуцијат и на слободата и ... и почне да ја крои витината според своите... лунки? (Пауза.) Темелко е единствената вистина за убиството на Црнамара и друга вистина - нема! Сосем како што нема друга вистина за тоа дека ако ме пуштеше да ја извршам правдата... ДАМЈАН (Го прекинува.) Зошто толку ти се брза, Дрен? ДРЕН Мене не ми се брза, туку на правдата! ДАМЈАН (По долга пауза.) Дрен, знаеше ли ти дека Христо Црнамара е во трлата на Темелка? ДРЕН (Молчи.) ДАМЈАН Молчиш? ДРЕН Мене овде не ми се верува, па според тоа што и да кажам - нема никакво значење. ДАМЈАН Знаеше ли или не? ДРЕН (По пауза.) За мене ќе одговорат тие што треба, војводо! ДАМЈАН Тие што треба? ДРЕН Токму така. ДАМЈАН (По пауза.) А кои се тие? ДРЕН (По долга, долга пауза.) Централниот комитет! ДАМЈАН Централниот комитет! ДРЕН Тоа што не ми се верува овде, не значи дека не ми се верува и таму! (Долга пауза.) Впрочем, војводо, таму ќе се прашаме и за многу други работи? ДАМЈАН (По пауза.) Ми се закануваш? ДРЕН Ти се заканувам! ДАМЈАН (По долга, долга пауза.) Дрен, свесен ли си ти што зборуваш? ДРЕН Да, војводо! Сосем како што бев свесен кога кренав кама на Темелка! И... (Замолчува едно време.) ... и како што сум свесен овој час, со што можам да ја платам таа моја закана! (Решава да зборува.) Ти мислиш дека јас не знам зошто ми ги одврза рацете? По цели три седмици врзаност? Зошто разговаравме вака - сами? Зошто ги оддалечи од нас и стражарите и комитите? Зошто не ги повика селаните? војводо, не заборавај дека јас израснав во Организацијата! И затоа знам: Во силите ти е - јас да не стигнам жив до Централниот комитет! Знам и дека ќе ти се верува тебе за тоа: зошто не сум стигнал! Нема да биде тешко, војводо, и да го убедиш Централниот комитет дека човек - како што ќе им образложиш ти - што кренал брзорако рака - како што кренав јас на Темелка - не е скраја од помислата исто така брзорако и... злоупотребувајќи ја твојата добрина што си му ги одврзал рацете... да се обиде да избега! По силите ти е, војводо, да го убедиш Централниот комитет дека јас сум... пак според сведочењето на Темелко и твое... дека јас сум дури и еден од соучесниците во усмртувањето на Црнамара, ако не и главниот негов убиец! (Замолчува. Дише забрзано. Собира здив. Грубо.) Не, војводо! Не! Јас нема да избегам! Јас сиве овие седмици што ме водеше по себеси, врзан како бесен пес, мислев и решавав! За с? и за сешто! И решив: (Собира одново здив.) Ќе мораш ти самиот да ме егзекутираш, војводо! Да, ти самиот. И тоа заради фактот што ниту еден од комитите и од селаните нема да ти се види толку доверлив што да може да те одмени во злосторот! Ќе мораш сам да ја понесеш сета одговорност, војводо, не само за тоа што си ме усмртил, туку и за тоа што си ја потоморил вистината за убиството на Христо Црнамара! Што си им ја продал, преку крвта моја, лагата како вистина и на Централниот комитет и на Македонија, војводо! Темелко во таа работа... ДАМЈАН (Го прекинува.) Не се работи за Темелка, по ѓаволите! ДРЕН Не се работи за Темелка? ДАМЈАН Не. ДРЕН А за кого се работи, тогаш, војводо? ДАМЈАН (По долга пауза.) За нас, Дрен! За мене. За тебе. За сите! (Пауза.) За револуција како нашава подобро е - според мене - да им прости на десетмина виновни, отколку да каже еден единствен невин и праведен! Во часот кога слободата на Македонија ќе го пригрне насилништвото, готово е со неа, Дрен! Удрил часот на нејзиното - национално самоубиство! За тоа се работи, Дрен! А Темелко е... ДРЕН Темелко е предавник, војводо! (Крцка со забите.) А ти... ти си негов соучесник, војводо! Да, соучесник! Имено со ова што го браниш дури и сега кога с? е јасно! ДАМЈАН Јасно? Што е јасно, Дрен? ДРЕН С?! ДАМЈАН (По долга пауза.) Ништо не е јасно, Дрен! Ништо! (Пауза. Смирено.) За овие неколку седмици од првото судење до вечерва, јас проверив многу од работите што ни ги кажа Темелко. ДРЕН И? ДАМЈАН И излегоа - вистина, Дрен! ДРЕН (Не верува.) Вистина? ДАМЈАН Вистина. ДРЕН Не е возможно! Не е ... возможно! ДАМЈАН Јас... јас токму затоа и ги оддалечив стражарите и комитите, Дрен! Токму затоа и не ги повикав селаните! Сакам насамо, јас и ти, да се соочиме со вистината, Дрен! (Молчи.) ДАМЈАН (Вади од чантата писмо.) Од Костур, со писмово потврдија... (Му го подава писмото на Дрен.) ... јас затоа и ти ги одврзав рацете... ДРЕН (Го зема писмото. Пред да почне да го чита, долго време му го бара погледот на Дамјана. Откако Дамјан ќе му го издржи погледот, Дрен почнува да го чита писмото.) ДРЕН (Молчи.) ДРЕН Не е возможно! Не е вистина! Па... па овде пишува дека Темелко бил навистина повикан од самиот Христо Црнамара да отиде во Костур и да се поврзе со него лично? (Го крева погледот од писмото.) војводо, вистина ли е ова што го читам? ДАМЈАН (Молчи.) ДРЕН Не! Не е вистина! Не може да биде вистина! Што можел, на веков, да има заедничко Христо Црнамара со Темелка, а тоа да е такво што да не знаеме ние? Да е тајно од нас? ДАМЈАН (Молчи.) ДРЕН Ова... ова мора да е некаков грд заговор! Така е: заговор, војводо! Заговор против мене! Против нас! Против организацијата! Не гледај ме така, војводо! Па... па овде пишува дека Темелко, Темелко предавникот, Темелко побратимот на Керим Бега се поврзал со Црнамара - од збор до збор - на ист начин како што ни раскажа Темелко? Како писмово да не го пишувале - како што велиш ти... другарите од Костур, туку самиот Темелко. А... можеби, и не го пишувале? Бездруго дека не го пишувале! (Му го фрла писмото на Дамјана.) Не, војводо! Јас... јас откажувам да... да сум дел од заговорот! Јас откажувам да верувам во напишаното! Подалеку со него од мене! ДАМЈАН (Се наведува и го прибира писмото. Откако ќе го прибере.) Зошто? ДРЕН (Збунето. Изместено.) Затоа што сум - тој што сум, војводо! Син на Илија Смилов од Попадија, покрстеник на самиот Делчев, ако заборави! Не, војводо! Нема да ти успее заговорот! Ни од мене мртов... ни од мене труп... не ќе ти успее, војводо, да направиш маша што... маша што ќе се зајми на твојот заговор и што ќе поверува... и што ќе ги повлече и другите да поверуваат... .во тие невистини! (Пауза. Се обидува да се соземе. Не му успева. Во изместеноста се губи сосема.) Делчев самиот ја создаваше оваа организација, војводо! Делчев, ако си заборавил! Токму затоа таа никогаш нема да падне толку ниско што да го претпостави предавникот и убиецот Темелка, пред... пред сите нас! Таа никогаш нема да поверува дека Христо Црнамара, тој што - по Делчева - од сите најдобро и’ ја познаваше душата, и... и што и’ ја читаше мислата пред таа да ја смисли... дека истиот тој Христо Црнамара ќе постапи така што - доаѓајќи кај нас, кај нас што десетици, стотици пати сме го чувале и сме го бранеле, сме го имале за најсвој, така како што не сме си се имале ние самите... дека истиот тој Христо Црнамара... ќе н? отфрли сите нас... ќе ги отфрли нашите посветени во Организацијата и во востанието домови... и ќе отиде, тајно, тајно од нас, што ќе рече: против нас, каде? Во домот на единствениот предавник во селото? Во домот што му беше втор дом на Керим Бега? ДАМЈАН (Молчи.) ДРЕН Дамајне, што станува со тебе? Како ти носи душата да поверуваш во така нешто? Ако веруваш? И... и зошто? Зошто? ДАМЈАН Затоа што е - вистина, Дрен! (Долга, долга пауза.) ДРЕН (Воден од импулс што не може да контролира, оди и застанува пред Дамјана. Ги подава обете раце нанапред. Пауза. Грлото му е суво. Зборовите му се откинуваат од грлото со болка.) Тогаш... тогаш, врзи ме одново, војводо! ДАМЈАН (Молчи. Долга пауза.) ДРЕН (Крикнува.) Врзи ме, по ѓаволите! ДАМЈАН (Молчи.) ДРЕН Врзи ме! Врзи ме! Врзи ме... ти се молам! ДАМЈАН (Молчи.) ДРЕН Врзи ме, зашто ќе кренам рака и на тебе! (Рацете продолжува да ги држи подадени.) ДАМЈАН Знаеш ли ти, Дрен, дека Христо Црнамара се наоѓа во трлата на Темелка! ДРЕН (Не го слуша. Само го повторува сега како стенкање, своето) Врзи ме! Врзи ме! Врзи ме! ДАМЈАН Прашав: Знаеш ли ти дека Христо Црнамара се наоѓа во трлото на Темелка? ДРЕН (Одеднаш, во скок, се нафрла на Дамјана.) ДАМЈАН (Го одбегнува неговиот напад.) ДРЕН (Промашува и паѓа ничкум на земја. Плаче. Долга пауза.) ДАМЈАН (По долга пауза, му дава знак некому во темницата. Од зад трлото се задава еден од комитите. Чекори бавно. Се приближува кон Дамјана. Застанува. Меѓу Дамјана и комитата лежи и се тресе телото на Дрен.) Доведи го! КОМИТАТА Веднаш, војводо! (Излегува од трлото. Долга пауза. Се враќа во трлото придружен од Темелка.) ТЕМЕЛКО (Чекори бавно. Се чини, уште повеќе се подвел. Се вудвосал. Брадјосан. Кога ќе го здогледа на земја телото на Дрен, застанува.) ДАМЈАН (На комитата.) Одврзи му ги рацете. КОМИТАТА (Му ги одврзува на Темелка рацете. Трга да излезе. Излегува.) ДАМЈАН (Откако ќе останат тројцата, сами.) Темелко, знаеше ли Дрен за тоа дека Христо Црнамара се наоѓа кај тебе во трлата? ТЕМЕЛКО Не, војводо. ДАМЈАН Не? ТЕМЕЛКО Не! ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО Затоа што - како што ми кажа самиот Христо Црнамара - Дрен тие денови се наоѓал во Лерин, по задача. ДАМЈАН По задача? Ти кажа ли Црнамара - каква? ТЕМЕЛКО Не, војводо! ДАМЈАН Друго нешто ти рече ли Црнамара за Дрен? ТЕМЕЛКО Ми рече, војводо! На повеќепати стана збор за Дрен. ДАМЈАН Што? ТЕМЕЛКО Дека жали што не е Дрен во селото, затоа што - како што рече - откако се изјаснија работите, само нему би му се доверил! ДРЕН (Полека ја крева главата.) ДАМЈАН На Дрен? ТЕМЕЛКО Нему, војводо! Да е Дрен во селото - рече - ќе ми беше полесно! Но, штом го нема, ќе ја свршам работата и сам! ДАМЈАН Која работа? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Ти му го кажа тоа на Дрен? ТЕМЕЛКО Не, војводо. ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Зошто не му го кажа? ТЕМЕЛКО (По долга пауза.) Кога се врати Дрен од Лерин, убиството беше извршено! Да му го речев, Дрен - со право - ќе помислеше дека така му зборувам за да ја спасам главата! ДАМЈАН А зошто го велиш сето тоа сега? ТЕМЕЛКО (По долга пауза.) Затоа што не можам да пуштам, војводо и друг невин човек да настрада, како мене! ДАМЈАН Според тебе: Дрен е невин? ТЕМЕЛКО Да, војводо! Невин! ДАМЈАН Но тој вели дека ти си предавник! Дека ти си го убил Црнамара! Тој крена и рака на тебе! За малку ќе те усмртеше! ТЕМЕЛКО (По долга пауза.) Моја работа е да ја зборувам вистината, војводо! ДАМЈАН Тогаш: Кажи го и вистинскиот виновник! ТЕМЕЛКО (Молчи. Долга пауза.) ДРЕН (Со сета сила сака да ја закопа главата в земја.) ДАМЈАН (Му дава знак на комитата.) КОМИТАТА (Влегува во трлото. Застанува пред Дамјана.) ДАМЈАН Одведи ги обајцата. Секого во својата колиба. КОМИТАТА (Застанува пред Темелка.) ТЕМЕЛКО (Му ги подава рацете да му ги врзе.) КОМИТАТА (Гледа во Дамјана.) ДАМЈАН Врзи им ги. КОМИТАТА (Му ги врзува рацете на Темелка. Го вади надвор од трлото. Се губат во ноќта. Пауза.) ДРЕН (С? уште безуспешно се обидува да ја закопа главата в земја.) КОМИТАТА (Се враќа. Застанува над Дрен. Пауза.) ДРЕН (Првин погледнува во Дамјана. Потоа во комитата. Полека станува. Откако ќе стане, покорно ги подава рацете да му ги врзат.) КОМИТАТА (Му ги врзува рацете. Едно време стојат неми.) ДРЕН (Трга прв.) КОМИТАТА (Оди по него. Излегуваат.) ДАМЈАН (Останува сам. Загледан е во ноќта, каде што потонаа тројцата. Штама.) КОМИТАТА (Се враќа. Застанува пред Дамјан.) ДАМЈАН Го виде ли некој? КОМИТАТА Никој, војводо! Јас сето време го држев долу, под трлата, каде што не наминува никој од нашите! ДАМЈАН Сигурен ли си? КОМИТАТА Сигурен, војводо! ДАМЈАН Раскажи ми како се држеше кога отидовте по него? КОМИТАТА Мирно, војводо! Како сето време да н? чекал! ДАМЈАН Оружје најдовте кај него? КОМИТАТА Не, војводо! Освен... ДАМЈАН Освен? КОМИТАТА Освен што тој самиот, кога врвевме кај трлата од Темелка, ископа од под еден даб - револвер! И ни го предаде, без да рече ни збор! ДАМЈАН Револвер? КОМИТАТА Да, војводо! Нагант! ДАМЈАН Каде е револверот? КОМИТАТА Во долната колиба! ... Веднаш ќе го донесам, војводо! (Излегува од трлото. Долга пауза. Се враќа. Во рацете носи голем нагант. Му го подава на Дамјана.) ДАМЈАН (Го зема нагантот. Очевидно е дека го препознава.) Кажа ли: Чиј е револверот? КОМИТАТА На предавникот - рече! ДАМЈАН Чиј? КОМИТАТА На предавникот! ДАМЈАН Само тоа? КОМИТАТА Тој многу малку зборува, војводо! Сето време што го водиме со себеси, ако рекол збор или два. ДАМЈАН Го водите врзан? КОМИТАТА Не, војводо! Тој оди со нас, како да е еден од нашите! ДАМЈАН Доведи го! КОМИТАТА (Излегува.) ДАМЈАН (Го разгледува револверот. Сите куршуми си се на своите места. Очевидно е дека не е стрелано од него.) КОМИТАТА (Се враќа. Пред него чекори Андон Дрварот) ДРВАРОТ (Висок. Рани четириесетти години. Широки рамена. Густа, руса, коса. Големи очи. Долга бела кошула, преврзана преку половината со црн појас. Бос. Кога ќе дојде пред Дамјана застанува.) КОМИТАТА (Застанува зад него.) ДАМЈАН (Го гледа Андона Дрварот. Потоа му дава знак на Комитата да се оддалечи.) КОМИТАТА (Излегува. Остануваат, во ноќта, сами: ДАМЈАН и Дрварот. Пауза.) ДАМЈАН Како те викаат? ДРВАРОТ Дрварот. Андон Дрварот. ДАМЈАН Знаеш ли кој сум јас? ДРВАРОТ Не. ДАМЈАН Знаеш ли зошто си овде? ДРВАРОТ Затоа што дојдоа по мене. ДАМЈАН А зошто дојдоа по тебе? ДРВАРОТ Сигурно така требало, штом така заповедал Војводата. ДАМЈАН Ти ли им го покажа местото каде што беше закопан револверот? ДРВАРОТ Јас. ДАМЈАН Кој го закопа таму? ДРВАРОТ Јас. ДАМЈАН А чиј е овој револвер? ДРВАРОТ На предавникот. ДАМЈАН На предавникот? ДРВАРОТ Да. ДАМЈАН Кој предавник? ДРВАРОТ Тој на кого јас и Војводата му ја столчивме главата. ДАМЈАН Ти и Војводата? ДРВАРОТ Да. ДАМЈАН Го познаваш Војводата? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Од кога? ДРВАРОТ Одамна. ДАМЈАН Како се вика? ДРВАРОТ Кој? ДАМЈАН Војводата? ДРВАРОТ Војвода, се разбира. ДАМЈАН Друго име има? ДРВАРОТ Ние го знаеме под тоа име. ДАМЈАН Ти - член си на Организацијата? ДРВАРОТ Член. ДАМЈАН Од кога? ДРВАРОТ На Водици ќе сторам две години. ДАМЈАН Кој те покрсти? ДРВАРОТ Бездруго, Војводата. ДАМЈАН Други членови на Организацијата во твоето село има? ДРВАРОТ Има. Нашето село е само девет куќи, затоа сме само седмина членови на Организацијата. ДАМЈАН Сите ве покрсти Војводата? ДРВАРОТ Сите. ДАМЈАН Други луѓе од Организацијата познавате? ДРВАРОТ Не. ДАМЈАН Зошто? ДРВАРОТ Не станало нужда. А и Војводата заповеда да не познаваме никого освен него! ДАМЈАН Никого освен него? ДРВАРОТ Да. ДАМЈАН Кој го донесе кај вас Војводата? ДРВАРОТ Никој. Дојде самиот. Дојде, н? собра домаќините и н? покрсти. ДАМЈАН Друго нешто ви... заповеда? ДРВАРОТ (Мисли.) Ништо. Да не познаваме никого друг во Организацијата освен него. И... и само нему да му го даваме тоа што ќе го одделуваме за неа. ДАМЈАН (По пауза.) Што одделувате вие за него? ДРВАРОТ За Организацијата? Како-кој! Некој имање, некој пара. ДАМЈАН И сето тоа, се разбира, му го предававте на Војводата? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Можеш да се сетиш за тоа што сте го дале, овие две години? ДРВАРОТ Не. Ние сме навистина сиромаси луѓе, ама кога е за давање за Организацијата... ДАМЈАН Водевте ли некаква книга за тоа што сте го давале? ДРВАРОТ Војводата водеше. Кај него е запишано с?, до металик. ДАМЈАН Кај Војводата? ДРВАРОТ Да. ДАМЈАН (По мала пауза.) Штом Војводата ви заповедал да не познавате никого освен него во Организацијата, зошто ти тргна со нашите луѓе што те доведоа овде? ДРВАРОТ Ми рекоа дека ме викал - тој. ДАМЈАН Војводата? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН (По пауза.) Предавникот го познаваш од порано? ДРВАРОТ Кој? ДАМЈАН Предавникот. ДРВАРОТ Не. ДАМЈАН Кој ти рече дека е тој предавник? ДРВАРОТ Војводата. ДАМЈАН Тој те повика да го накажете? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Зошто баш тебе? ДРВАРОТ Затоа што не ми е првина. Сум клал јас и други по заповед на Војводата! ДАМЈАН И други? ДРВАРОТ Да. Тројца Турци, и еден наш погрчен. Имам лесна рака во колењето. ДАМЈАН (По пауза.) Што ти рече кога те повика? ДРВАРОТ Војводата? ДАМЈАН Да. ДРВАРОТ Рече: Дојди Андоне со мене, има да се накажува еден предавник! И го накажавме. Како што треба. Го закопавме со главата прудолу и со петиците над земја, како што треба секогаш да се закопуваат предавниците! ДАМЈАН Кој го уби предавникот? ДРВАРОТ Јас. ДАМЈАН Како? ДРВАРОТ Војводата поведе разговор со него, пред една од колибите на трлото. Јас му се прибрав зад грб и... Мене само еден замав на ножот ми треба! Јас добитокот кога го колиме... ДАМЈАН Кој му ги врза рацете? ДРВАРОТ На предавникот? Војводата. ДАМЈАН Откако беше веќе заклан? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Зошто? ДРВАРОТ Така требало, рече војводата. Јас тогаш предложив да му ја столчиме главата со камен, како на змиите, никој повеќе да не го зема патот што води во предавство. И му ја столчивме. ДАМЈАН Кој? ДРВАРОТ Обајцата. ДАМЈАН Обајцата? ДРВАРОТ Војводата не би бил војвода да е со меко срце. ДАМЈАН Шамијата со која му ги врзавте рацете, чија беше? ДРВАРОТ На Војводата. Војводата рече дека ќе му ги врзе рацете со својата шамија за да се разбере, кога ќе го ископаат трупот, дека го накажала Организацијата. ДАМЈАН Значи, по шамијата да се познае дека го накажала Организацијата? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН (По подолга пауза.) Знаеш ли што предавства имал извршено предавникот? ДРВАРОТ Страшни предавства. ДАМЈАН Какви? ДРВАРОТ Ја предал Македонија. ДАМЈАН Ја предал Македонија? Кому? ДРВАРОТ На Османлиите и на башибузукот. Впрочем, предавникот си е предавник, знаел јас за тоа или не. ДАМЈАН И тоа ли ти го кажа војводата? ДРВАРОТ Да. ДАМЈАН Уште нешто ти кажа? ДРВАРОТ Кој? ДАМЈАН Војводата. ДРВАРОТ Дека ќе му се позлатела раката на секој што ќе накаже - предавник. Ќе му била - благословена. ДАМЈАН Оттогаш си го видел војводата? ДРВАРОТ Не. (Пауза.) Каде е? ДАМЈАН Кој? ДРВАРОТ Војводата. ДАМЈАН Ќе дојде. Ме замоли мене со тебе да поразговарам, тој додека дојде. Челад имаш? ДРВАРОТ Седум. Четири чупи и тројца арслани. ДАМЈАН Големки? ДРВАРОТ Секоја летинка детинка. Најголемата ќе да е околу дватринаесет. ДАМЈАН (По пауза.) Револверов, зошто го закопавте? Зошто не го зедовте со вас? ДРВАРОТ Оружјето на предавникот, предава и само! Така рече Војводата. Затоа! ДАМЈАН А зошто сега го откопа? ДРВАРОТ Затоа што Војводата бездруго ме вика заради него. Само јас знам каде беше закопан. ДАМЈАН (По подолга пауза.) Андоне, сега ќе ти покажам двајца. Сакам убаво да ги изгледаш и да ми кажеш с? што знаеш за нив. Бидува? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН (Оди до работ на трлото. Од темницата се појавува Комитата. Разговараат преку оградата. Нивниот разговор не се слуша.) ДРВАРОТ (Стои и спокојно го разгледува трлото.) ДАМЈАН (Се враќа.) Сакам убаво да ги изгледаш. ДРВАРОТ Бездруго. Штом си човек на Војводата, и мој си. Можеш да сметаш на мене. Се работи пак за предавници? ДАМЈАН (По пауза.) Тоа ќе треба ти да го кажеш. ДРВАРОТ Ако знам. (По малку пауза.) Мене раката нема да ми затрепери и на обајцата да им го тргнам ножот, како на онега... ако е во тоа работата? ДАМЈАН Ќе ги гледаш еден по еден. И пред нив ќе молчиш. Што и да имаш да ми кажеш, ќе ми го кажеш откако ќе ги одведат одовде. ДРВАРОТ Бездруго. КОМИТАТА (Се задава од темница. Пред него чекорат Темелко и Дрен. Малку поназад чекори уште еден Комита.) Рацете на Темелко и на Дрен се врзани. Штом ќе се доближат да влезат во трлото Комитата излегува напред и го води првин Темелко во трлото. Се доближуваат до Дамјана. Застануваат.) ДРВАРОТ (Гледа во нив.) ДАМЈАН (Му дава знак на Дрварот да им се приближи.) ДРВАРОТ (Им се приближува. Се загледува во Темелка. Го гледа долго. Потоа, погледува во Дамјана.) ДАМЈАН (Му дава знак на Комитата да го изведе Темелка.) КОМИТАТА (Го изведува. Грижата за Темелка ја презема другиот Комита. Комитата се враќа и го воведува Дрен. Застануваат.) ДРВАРОТ (Им се приближува. Се загледува во Дрен. Долго.) Очевидно е дека му пречи темницата и брадјосаноста. Оди до огништето, зема гламја и се враќа со неа кај Дрен. Му го осветлува лицето со гламјата. Го гледа долго. Потоа, с? уште со гламјата в раце, му се приближува на Дамјана.) ДАМЈАН (Му дава знак на комитата да го изведе Дрен. Излегуваат од трлото и се губат во темницата од каде што дојдоа. Остануваат сами Дамјан и Дрварот.) ДРВАРОТ Онега првиот... постариот... не го познавам. Не ќе да сум го видел. Бог душа сака. Не го познавам. ДАМЈАН А вториот? ДРВАРОТ (Ја остава гламјата. Се враќа.) Него го познавам! ДАМЈАН Го познаваш? ДРВАРОТ Пријател му е на Војводата. ДАМЈАН Пријател му е на Војводата? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Сигурен си? ДРВАРОТ Сигурен. Го имам видено на двапати да поминува низ нашата планина со војводата. Обата пати со војводата. Првиот пат поминаа малку подалеку од мене, а вториот на... колку ти што си далеку од мене. ДАМЈАН Тој тебе те познава? ДРВАРОТ (Мисли извесно време.) Не. ДАМЈАН Не? ДРВАРОТ Не. Тие мене не ме видоа, ама јас ги видов. Лежев во една леска кога поминуваа крај мене. Едно време помислив да им се јавам, но тратив. ДАМЈАН Зошто? ДРВАРОТ Може не треба, си реков. Пак и тоа што го зборуваа... ДАМЈАН Ги чу што зборуваа? ДРВАРОТ Како не ќе ги чујам. Ти велам, не беа подалеку од што си ти сега од мене. ДРВАРОТ Што зборуваа? ДРВАРОТ За предавникот. ДАМЈАН За предавникот? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Од каде знаеш? ДРВАРОТ Како не ќе сум знаел? Војводата му рече на онега, пред малку, дека предавникот мора да биде накажан. Инаку, ако не биде накажан, другите селани ќе земат пример од него и... Денес тој одбива да се покрсти од Организацијата, утре ќе одбијат и другите. Денес тој се братими со Керим Бега, утре ќе почнат и другите. И тогаш? Што ќе стане со Организацијата и со нашата борба, рече Војводата. ДАМЈАН Војводата? ДРВАРОТ Да. Војводата зборуваше, а оној, пред малку, молчеше. ДАМЈАН Друго нешто си рекоа? ДРВАРОТ (Се мисли.) Чекај да се сетам. Не мислам дека си рекоа. А, да, си рекоа! Оној, пред малку, рече дека селскиот раководител не оставал да биде накажан предавникот. (Се присеќава.) Оној од преѓеска му рече на војводата: И самиот чу кога ми забрани јас да ја извршам правдата над предавникот! На тоа, војводата го почука само по рамо и му рече: Остави ми ја таа работа мене! (По мала пауза.) Така и стана. Неколку дена подоцна јас и Војводатa му ја видовме сметката на предавникот. ДАМЈАН На онега што му бил побратим на Керим Бега и што откажувал да се покрсти во Организацијата? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Тоа ти го рече Војводата? ДРВАРОТ Не стана нужда, зашто јас од тоа што го чув веќе знаев. Бездруго. Ако можам јас што сум еден прост дрвар, сиот свој век што го поминува в планина, да се покрстам, сакам да речам, зошто да не може и тој? Пак и што ќе стане со нас, ако не бидат накажани тие што се братимат со крвници каков што е Керим Бег? ДАМЈАН Друго нешто чу? ДРВАРОТ Не. ДАМЈАН Не? ДРВАРОТ Ме одминаа. ДАМЈАН А по што знаеш дека оној од преѓеска му е близок пријател на војводата? ДРВАРОТ Војводата, колку што ми е знајно мене, не се дружи со никого освен со најблискиот и со најдоверените свои луѓе, како мене. Против него се има кренато сета турска царштина и сиот башибозук, така што и да сака Војводата не може да се дружи со никого! Не може. Бездруго. ДАМЈАН (По подолга пауза.) Во каква облека беше војводата? ДРВАРОТ Војводата? ДАМЈАН Во ваква како мојава? ДРВАРОТ Не. ДАМЈАН Не? ДРВАРОТ Не. За да не го откријат по облеката, Војводата, како што ми кажа, се облекува во ризна облека. ДАМЈАН Во каква го виде ти, последниот пат? ДРВАРОТ Кога одеше со онега што го доведовте преѓеска? ДАМЈАН Да. ДРВАРОТ Во градска облека, во каква што се облекуваат трговците или даскалите. ДАМЈАН Даскалите? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН (По пауза.) Познаваш ли ти некој даскал? ДРВАРОТ Не. Кај нас в село нема училиште. Нашите деца ги праќаме долу. А таму има даскалица, некоја мома од Прилепско. Од Прилеп чинам. Ама имам видено даскали на пазар во Лерин и во Битола. ДАМЈАН Значи, Андоне, војводата беше облечен сите пати кога се среќаваше со тебе во градска облека? Во облека со која се препознаваат даскалите, нели? ДРВАРОТ Бездруго. Ама тој ми расправаше дека напати бил присилен да се облекува и во турска облека, особено кога требало да заминува за Солун за да се сретне со членовите, со другите членови, како што рече, на Централниот комитет, бездруго. ДАМЈАН (По долга пауза.) Тој ти кажа и дека е член на Централниот комитет? ДРВАРОТ Бездруго. ДАМЈАН Кога? ДРВАРОТ Откако ја свршивме работата со предавникот. ДАМЈАН (По многу долга пауза.) Ти благодарам, Андоне. А сега почини се, додека стигне Војводата. Бездруго си уморен? ДРВАРОТ Јас? Не. ДАМЈАН (Оди до крајот на оградата. Го вика комитата.) КОМИТАТА (Се појавува. Влегува во трлото.) ДАМЈАН (Ги предухитрува и пред да рече комитата било што му се обрнува.) Одведи го пријателов Андон, да се почине. Ќе дојдете, кога ќе ве повикам. КОМИТАТА Разбирам... (Готов е да рече: „војводо“, но Дамјан и овојпат го спречува.) Благодарам! ДРВАРОТ (Трга со комитата. Чекори бавно, спокојно. Излегуваат од трлото. Потонуваат во темницата.) ДАМЈАН (Останува сам. Замислен е. Шета вдолж и упреку низ трлото.) КОМИТАТА (Се враќа.) ДАМЈАН В ред? КОМИТАТА В ред. војводо. ДАМЈАН Кога ќе е тој овде, нема да ме викаш: војводо! КОМИТАТА Ами јас му кажав дека си ти војвода, војводо! ДАМЈАН Му кажа? КОМИТАТА Да, војводо. На идење ваму, тој ме праша: кој си ти и што си во Организацијата и му кажав. ДАМЈАН Што му рече? КОМИТАТА Тоа што е вистина, војводо! Тоа дека ти си војводата! Згрешив? ДАМЈАН Тој што рече? КОМИТАТА Ништо. Само запре, се сврте, ме изгледа убаво и не рече ништо. ДАМЈАН Врати се веднаш назад, кај него. И да не си се одделил од него. Се обиде ли да се оддалечи од местото каде што го имате, постојано да сте со него... и тоа не еден, туку сите што сте таму! Се обиде ли да избега, гледајте да го повасате и да го врзете! Не ви успева тоа, стрелајте во него, без премислување. КОМИТАТА Разбирам, војводо. (Трга со брзање назад.) ДАМЈАН (По него.) Нека ми го доведат Дрен. КОМИТАТА (Излегува.) ДАМЈАН (Останува сам. Гледа во темницата од каде треба да се појави Дрен.) ДРЕН (Се појавува. Влегува во трлото. Рацете му се одново врзани. Застанува пред Дамјана.) ДАМЈАН Дрен, го познаваш ли онега преѓеска? ДРЕН Не. ДАМЈАН Тој те познава! ДРЕН Мене многу души ме познаваа, војводо! Како и тебе! ДАМЈАН Вели дека те видел во нивната планина со... Војводата? ДРЕН Со кој војвода? ДАМЈАН Со Војводата што му заповедал да му ја столчи главата на Христо Црнамара како на змија и да го закопа... така како што го закопал! ДРЕН Тој го убил Христа Црнамара? ДАМЈАН Тој, Дрен! По заповед на Војводата што бил со тебе! ДРЕН (Гледа изместено околу себе.) Призна? ДАМЈАН Призна, Дрен! ДРЕН (Го гледа долго Војводата в очи.) Што стапица треба да е сега ова, војводо? (Долга пауза.) И до кога? ДАМЈАН Тој уште вели дека слушнал кога ти и војводата сте се здоговарале како да го накажете предавникот. Во случајов: Христо Црнамара! ДРЕН (Изгубено.) Не е вистина! Не може да биде вистина! (Гледа втренчено во Дамјана.) Јас да заговорничам против Христо Црнамара? Јас да речам за него дека е предавник? Душа носиш, војводо! Запри се! Душа носиш, ако носиш! Убиј, усмрти, само не измислувај! Тоа право ни Бог сам не ти го дал! ДАМЈАН Сети се, Дрен: си поминувал ли ти низ неговата планина? ДРЕН (Трепери.) Не еднаш, војводо! ДАМЈАН Сам? ДРЕН Со мнозина, војводо! ДАМЈАН Селани? ДРЕН (По пауза.) Кој друг, војводо? ДАМЈАН (По подолга пауза.) Дрварот вели, Дрен, дека те видел тебе да поминуваш низ неговата планина имено дента кога сте се здоговарале со Војводата... а Војводата, како што вели Дрварот, бил облечен во градска облека... во облека каква што носат трговците... ДРЕН Трговците? ДАМЈАН (По пауза.) ... и даскалите! ДРЕН (Молчи. Крвта избегала од неговото лице и сета наврела во неговите очи.) Не е возможно! ДАМЈАН Сети се, Дрен! ДРЕН (Одвај успева да зборува. Секој слог со мака се откинува од неговото грло.) Не е возможно! ДАМЈАН Што, Дрен? Што не е возможно? ДРЕН (Му секнува гласот. Грлото му е суво. Долга пауза. Гледа изгубено во Дамјана. Има во неговиот поглед и омраза и молба за помош. Оддеднаш, како да не е истиот Дрен од дотогаш. Се чини, одвај се додржува на нозе.) Не е возможно! Не е возможно! Не е воз... ДАМЈАН Што, Дрен? ДРЕН (Молчи и само повторува.) Не е возможно! Не е возможно! ДАМЈАН (По пауза.) Дрен, во таа прилика зборувавте ли со Даскал Наум како да го накажете предавникот? ДРЕН Зборувавме! Само што ние зборувавме, војводо, како да го накажеме предавникот Темелка а не Христо Црнамара! ДАМЈАН Кој од вас двајцата рече: треба да му ја столчиме главата со камен како на змија? Ти или Даскал Наум? ДРЕН Јас, војводо! ДАМЈАН А Даскал Наум? ДРЕН (Скоро во крик, но пригушен крик, што има одглас само во него.) војводо, не ќе речеш белки... ? ДАМЈАН Јас ништо не велам, Дрен! Ако има кој што да рече, тоа треба да е самиот Даскал Наум! Како и што ќе го каже, Дрен! (Му се приближува на Дрен. Сака да му ги одврзе рацете.) ДРЕН (Не остава. Ги повлекува рацете наназад. Се склупчува околу нив, со сета своја снага.) Не! Не, војводо! (Пауза.) И не гледај ме така! Не си ти тој што ќе ми ги одврзе рацете! Не повеќе, војводо! Туку Даскал Наум! Да, Даскал Наум! Сосем како што јас и Даскал Наум ќе му ги врземе рацете, еднаш засекогаш, на онега што е вистински виновник не само за смртта на Христо Црнамара, туку и за сево ова! ДАМЈАН (Го гледа долго Дрен. Потоа им дава знак на комитите.) КОМИТИТЕ (Влегуваат во трлото. Застануваат спроти Дамјана.) ДАМЈАН Нека дојде Даскал Наум! ПРВИОТ ОД КОМИТИТЕ Даскал Наум, војводо? ДАМЈАН Даскал Наум! ВТОРИОТ ОД КОМИТИТЕ (Откако ќе се погледа со другите двајца.) Па... Даскал Наум, војводо, отиде! Отиде в село! рече дека разговарал со тебе и дека ти си му заповедал да отиде в село и да сврши уште некоја... итна... работа во врска со пресудата на Темелка! Да собере, како што рече, војводо, уште некои докази! ДАМЈАН (Збунето.) Јас сум му заповедал? ВТОРИОТ ОД КОМИТИТЕ Тој рече, војводо! Сите бевме кога им рече! КОМИТИТЕ (Потврдуваат.) Сите бевме. ДАМЈАН И вие го пуштивте? КОМИТИТЕ (Молчат.) ДРЕН (Со врзаните раце се удира по устата. Потекува крв.) ДАМЈАН Одамна? ПРВИОТ ОД КОМИТИТЕ Не ќе да има многу време, војводо! ВТОРИОТ ОД КОМИТИТЕ Ќе да беше веднаш... горе долу веднаш... кога го водеа кај тебе онега... онега, де... ВТОРИОТ ОД КОМИТИТЕ Андона Дрварот. ДАМЈАН Даскал Наум го виде Андона Дрварот? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Како да не ќе го види, војводо!? Од местото каде што седевме ние тројцава со Даскал Наума, трлото се гледа како на дланка! ДАМЈАН А Дрварот? Го виде ли Дрварот Даскал Наума? ПРВИОТ ОД КОМИТИТЕ Не, војводо! И да погледаше кон нас немаше да го види! Макар што не погледа! ДАМЈАН Даскал Наум исчека јас да го свршам разговорот со Дрварот или... ? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Не исчека, војводо! Штотуку го доведоа Дрварот кај тебе, стана и рече: „Луѓе, јас се замуабетив со вас и ми остана задачата несвршена“. Потоа го рече она за заповедта од тебе, војводо! И си замина! ДАМЈАН И вие? (Молчат.) ДРЕН (Се спушта полека на земја, сосем како таа да го влече прудолу. Клопче е меѓу корењето. Се слуша неговиот крик што не прилега на ништо. Во следниот миг удира со главата во најблискиот корен.) ДАМЈАН (На Комитите.) Веднаш по него! И да не ми се враќате додека не сте го нашле! Ако да сака и цел еден век да ви треба! И сакам да ми го доведете жив! Само жив, жив, сакам да ми го доведете! Никако инаку! Ми одговарате со главите! КОМИТИТЕ (Збунето.) Слушаме, војводо! (Излегуваат. Се губат во темницата.) ДРЕН (Лежи на земја и се тресе. Кога не би удирал поврмено со главата во најблискиот корен, би прилегал на грутка земја, склештена меѓу корењето.) ДАМЈАН (Гледа околу себе. Изгубено. Потоа седнува врз најблискиот трупец. Го покрива лицето со рацете. Молк. Штама. По подолга пауза, Дамјан ја крева главата. Станува. Излегува од трлото.) ДРЕН (Глув и слеп е за тоа негово излегување.) ДАМЈАН (Од темницата се враќа со Темелка.) ТЕМЕЛКО (Чекори збунето. Врзан е. Штом ќе дојдат во средината од трлото, седнуваат врз најблискиот трупец. Седнува исто така како што седна и првиот пат кога го доведоа; подведен, со главата напред, со погледот сведен в земја сосем како што седат осудените на смрт пред да се спушти јатаганот врз нивниот врат.) ДАМЈАН Зошто молчеше? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН Зошто молчеше? ТЕМЕЛКО За што, војводо? ДАМЈАН Ти убаво знаеш за што! ТЕМЕЛКО (Продолжува да молчи.) ДАМЈАН Не молчи, по ѓаволите! Заради тоа твое молчење јас загубив, речиси, половина од мојата чета! Селата истрадаа како што одамна не беа страдале! А сето тоа можеше да биде избегнато, ти уште веднаш да ја кажеше вистината! ТЕМЕЛКО (С? така подведен.) Која вистина, војводо? ДАМЈАН Таа дека Даскал Наум и Андон Дрварот се убијците на Христо Црнамара! ТЕМЕЛКО (Ја крева главата. Го гледа Дамјана право в очи.) Кој Андон Дрварот, војводо? Јас не познавам никој Андон Дрварот! ДАМЈАН Не го познаваш Андон Дрварот? ТЕМЕЛКО Не, војводо! Јас првпат дури и го слушам тоа име! Ги познавам сите луѓе во селово и... и би рекол во околинава, ама Андон Дрварот не познавам! ДАМЈАН Но, тој призна дека тој лично и Даскал Наум го усмртиле Христо Црнамара! Дека тој самиот му ја толчел главата на Христо Црнамара како на змија и дека обајцата се здоговориле да го закопаат Црнамара... така како што го закопале! Тој дури и расправи и за твојата шамија! ТЕМЕЛКО (По подолга пауза.) Јас не познавам никој Андон Дрварот, војводо! ДРЕН (Ја крева главата. Наполно е изместен. Кон Темелко.) Ти не го познаваш Андон Дрварот? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДАМЈАН (Дава знак. Влегува во трлото најблискиот од комитите што се на стража.) Доведете ми го веднаш Андон Дрварот! КОМИТАТА Кого, војводо? ДАМЈАН Андон Дрварот? КОМИТАТА (Стои и збунето гледа во Дамјана. Потоа го сведува погледот.) ДАМЈАН По ѓаволите, доведете ми го онега што го имате во долното трло! КОМИТАТА (Стои уште миг и два, с? уште така збунет и изместен. Потоа трча. Излегува од трлото. Се губи во темницата. Долга пауза.) ДРЕН (Кон Темелка.) Зошто молчеше? Зошто? ТЕМЕЛКО (Продолжува да молчи.) ДРЕН Како ќе легнеш в гроб со сите оние што ги имаш на душа и што загинаа заради твоето молчење? ТЕМЕЛКО (Продолжува да молчи. Молкот станува неподнослив.) војводо? ДАМЈАН (Молчи.) ТЕМЕЛКО Ме прашаше: зошто молчев? ДАМЈАН (Продолжува да молчи.) ТЕМЕЛКО Молчев затоа што мојата вистина и мојата правина не ќе беа ни вистина ни правина ако се слушнеа од мојава уста! Вистината станува вистина само кога ќе ја изречат другите! Кој ќе ми поверуваше мене да го изречев јас она што го изрече ти пред малку? ДАМЈАН Кое? ТЕМЕЛКО (Замолчува.) ДАМЈАН Ти знаеше дека Даскал Наум е убиецот на Христо Црнамара? ТЕМЕЛКО (По многу долга пауза.) Знаеше ли ти, војводо? ДАМЈАН Андон Дрварот, за кого велиш дека не го познаваш, а кого ни го откри твојот момок по самката што си ја заборавил во твоето трло, сам призна дека тој и Даскал Наум го усмртиле Христа Црнамара! При што Даскал Наум го убедил Андона Дрварот дека усмртува тежок предавник! Што ќе рече: тебе, Темелко! ТЕМЕЛКО Мене? ДАМЈАН Тебе! (Долга пауза.) ДРЕН Не, молчи! ТЕМЕЛКО Јас знам, војводо, дека Христо Црнамара дојде кај мене и само кај мене и... и дека ме врзува клетва пред него да молчам! Ако има кој што да каже, нека си го каже самиот! ДАМЈАН Даскал Наум избега, Темелко! Ме слушаш: избега! Не гледај ме така! ТЕМЕЛКО Избега? ДАМЈАН Да. (Долга пауза.) ТЕМЕЛКО (Загледан пред себеси в земја. Уште повеќе подведен. Зборовите одвај му се откинуваат од уста.) Христо Црнамара... дојде кај мене... за да му... за да му суди на Даскал Наума, војводо! ДАМЈАН За да му суди? ДРЕН (Седнува.) ТЕМЕЛКО Да. ДАМЈАН Зошто? ТЕМЕЛКО (Зборува тешко и бавно. Очевидно дека се бори во себеси дали да ја каже вистината или да и’ остане верен на клетвата што му ја дал на Црнамара.) За... за многу работи, војводо! Сите од нив знајни на нашите во Костур и во Солун, каде што Црнамара испрати по брата ми доклад до нашите! ДАМЈАН По брат ти? ТЕМЕЛКО По него, војводо! ДАМЈАН Значи ли тоа дека докладот на Црнамара е сега во Солун? ТЕМЕЛКО Да се надеваме, војводо! ДАМЈАН Да се надеваме? ТЕМЕЛКО Брат ми уште не се вратил? ДАМЈАН Знаеш ли ти што напиша Црнамара во докладот? ТЕМЕЛКО Не, војводо! Знам само тоа за што ме распрашуваше мене. ДРЕН Не молчи! ТЕМЕЛКО (Кон Дамјана.) Што и да речам сега, војводо... мислам сега кога Даскал Наум е избеган... ако е избеган? ... нема значење! Впрочем, грешката и не е во тоа! ДАМЈАН Грешката? ТЕМЕЛКО (Тивко.) Да, војводо! ДРЕН За какви грешки зборуваш ти? ТЕМЕЛКО (Кон Дамјана.) Христо Црнамара, војводо, како прво, не го направи, според мене, она што требаше да го направи уште штом му го доведов Даскал Наума во трлото, туку реши, како што рече, да те чека тебе, војводо, двајцата да ја изведете вистината докрај и двајцата да судите! А ти... ти, како што знаеш и самиот, војводо, не дојде ни дента кога те чекаше Христо Црнамара, ни цела уште седмица потоа... задоцни... дојде кога сите работи беа веќе сторени! Не дојде ни Дрен, на кого Христо Црнамара исто толку му се надеваше! ДРЕН (Во скок е на нозе.) Значи: ти си можел да го одбраниш Хиста Црнамара и не си го сторил? Си можел? ТЕМЕЛКО (Молчи.) ДРЕН Си можел! И затоа сега вината ја фрлаш и на мене и на Војводата? (Кон Дамјана.) војводо, чу? Чу? Тој, ни помалку ни повеќе, рече дека јас и ти сме вистинските убијци на Христо Црнамара! Не молчи, војводо, зашто ако е вистина сево ова што го зборува Темелко... мислам за нашето недоаѓање навреме... тогаш... војводо, ти ме учеше дека има убијци и има такви што го овозможуваат убиството... и дека овие вторите се вистинските! А на Темелка имено тоа му беше мислата! Само тоа! (Кон Темелка.) Нели? ТЕМЕЛКО Јас никаква вина не фрлам на никого, војводо! Ја искажав само вистината, зашто... зашто само таа уште ми останува сега кога ја отворив устата и ја прекршив клетвата! А и нема друга вистина, војводо! Христо Црнамара, како што реков, не требаше да го пушта Даскал Наума од трлото и да му дозволува да оди в село! Јас не требаше да седам со скрстени раце... Дрен е тука прав... туку требаше да му го препречам патот на Даскал Наума, уште повеќе што овде, длабоко во мене, насетував... насетував што може да смисли! А вие... вие, обајцата... преценете си сами и пресудете зошто не дојдовте навреме, во часот кога ве чекаше и... и што ќе беше, што ќе станеше ако дојдевте тогаш кога навистина најмногу му требавте и... и кога што, како што ми рече, се чувствуваше најсам! Јас не знам зошто не дојдовте и затоа... затоа никаква вина на никого не фрлам, ниту сакам да му бидам некому судија! Мене ми е доста мојава планина што ми натежнала во градиве! ДАМЈАН (Седнува врз најблискиот трупец. Гледа право в земја.) ДРЕН (Му го врти грбот.) ТЕМЕЛКО (Се подведува уште повеќе. Се задаваат од темницата комитите со Андон Дрварот.) ДРВАРОТ (Влегува во трлото, слободно и спокојно, како и првиот пат.) КОМИТИТЕ (Остануваат надвор од трлото.) ДРВАРОТ (Доаѓа кај Дамјана.) Каде е Војводата? Ми рекоа дека тој заповедал да дојдам овде? ДАМЈАН Го познаваш ли ти овој човек? (Покажува на Темелко.) ДРВАРОТ (Дури тогаш го здогледува Темелка.) Овега? ДАМЈАН Да. ДРВАРОТ Бездруго дека го познавам! ДАМЈАН Сигурен ли си? ТЕМЕЛКО (Ја крева главата.) ДРВАРОТ Јас не лажам! ДАМЈАН Погледај го убаво! ДРВАРОТ Што има да го гледам, кога го знам. Тој е: Даскал Наум! Токму така: Даскал Наум! ДАМЈАН (Станува.) Даскал Наум? ДРВАРОТ Бездруго! Што има тука чудно? Така ми го покажа мене мојот Војвода и така го познавам! А војводата бездруго знае подобро од сите вас, кој е кој! Затоа е и Војвода! И уште и член на Централниот комитет! Ако сакате да знаете, Војводата ми раскажа уште и дека овој овде... Даскал Наум... бил наш човек, демек човек на Организацијата... еден од нејзините, како што рече Војводата, нај... чекајте да се сетам... најпочитувани луѓе! Токму затоа и ме чуди што му ги гледам врзани рацете! Бездруго! Но штом мојот Војвода решил да му ги врзе, значи дека и треба да му се врзани! Војводата, како никој друг знае не само што, туку и кога го прави! Тој не грешава. ДАМЈАН Тогаш зошто, првиот пат кога ти го покажав овега... (Покажува на Темелка.) ... рече дека не го познаваш? ДРВАРОТ На тоа прашање, јас ќе му одговорам само на Војводата! Само нему! ДРЕН (Го покрива лицето. Му врти грб на Дрварот.) ДРВАРОТ (Вади кесе од тутун и витка цигара. Откако ќе ја завитка, му го подава кесето на Дамјана.) ДАМЈАН (Одбива.) ДРВАРОТ (Откако ќе повлече неколку долги чадови.) Сега ми е јасно зошто испратил Војводата по мене! Еве ја задачата за која ми зборуваше... (Покажува на Темелка и на Дрен.) ... Бездруго! Бездруго! (Кон Темелка.) Не ти требало, Даскале, не ти требало! Нашата рала е долга! Долга, од умирачката подолга! Но, ти, сепак, утеши се мојот Војвода што ме одбрал мене! Ич ти! Јас имам лесна рака! Оној што му ја видовме сметката во трглото, дури и не сети... навистина не сети кога му го тргнав ножот! Бездруго! ДРЕН Доста! (Од темницата се задава третиот од комитите што ги испрати Дамјан по Даскал Наума.) ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ (Се обидува да потрча. Нема здив, се порева.) ДАМЈАН (Кога ќе го види, трга накај него. Го прифаќа. Му помага да седне на најблискиот трупец.) ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ (Собира здив. Сето време гледа в земја. Откако ќе се соземе малку, без да ја крева главата, загледан в земја, одвај зборува.) Прости војводо! Прости! ДРВАРОТ војводо? (Гледа околу себе. Не верува во тоа што го слуша. Бара потврда во очите на другите.) ДАМЈАН (Кон третиот од комитите.) Зборувај! Што стана? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Ние не сме виновни, војводо! Верувај, не сме! ДАМЈАН Зборувај! ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ (Без да ја крева главата!) Даскал Наум загина, војводо! ДРВАРОТ Даскал Наум? (Уште повеќе е изместен.) ДАМЈАН Загина? ДРЕН (Се врти и се обидува да открие од очите на третиот од комитите вистина ли е тоа што го слуша.) ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ (Гледа само в земја.) ТЕМЕЛКО (Останува подведен. Не го крева погледот. Само се прекрстува.) ДАМЈАН Како? Од кого? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Во сражение, војводо! ДАМЈАН Сражение? Со кого? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Со Врховистите! (Собира здив.) Ние... ние го настигнавме Даскал Наума, војводо, токму кога излегуваше од селото. Тргнал, како што рече, во Битола, со твој изим... ДРЕН (Кон Дамјана.) Со твој изим? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ ... со твој изим за да провери уште некои нешта во врска со пресудата на Темелка, па ќе дошол овде. Држејќи се до тоа што ни го заповеда, сакам да кажам, да го доведеме жив, а бидејќи насетивме раздвижување во планината, ние му рековме само дека ти го молиш да дојде само за малку, малку да се договорите уште нешто, па после нека си заминува за Битола. Во меѓувреме јас и моите луѓе се поставивме така што тој да не може да ни избега, ако пофти! Јас не знам дали тој тоа го сети... но тој рече: „Штом е така, ќе ја тратам Битола! Да одиме кај Војводата!“ И тргнавме! Даскал Наум, притоа, рече дека и тој насетил раздвижување низ планината и дека ќе да е подобро да тргнеме заобиколно! И како што тргнавме! Јас решив, штом ќе префрлиме преку преслапот, да му ги врзам рацете! Така и ќе беше да не налетавме на Врховистите! ДАМЈАН Тој ве наведе кон Врховистите? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Бог душа сака, војводо! Не знам! ДАМЈАН И? ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ Се заврза сражение! Какво сражение! Јас му предложив на Даскал Наума тој и мојот Лјубин да се извлечат од огнот и да тргнат ваму, а јас и Милан да им го држиме грбот! Со Лјубина мој се имавме веќе здоговорено, штом ќе излезат од сражението, Лјубин да му ги врзе рацете на Даскал Наума! Меѓутоа, Даскал Наум откажа. Рече: „Или сите или никој!“ Прв загина мојот Лјубин. Потоа, Милан. На крај, откако го ранија на седум места, последниот пат, под лажичката, загина и Даскал Наум. Пред... пред да умре, ме замоли мене јас да се извлечам од сражението, тој додека може да ми ја брани со својот оган отстапницата, да дојдам овде и да те предупредам да преземеш итни мерки Врховистите додека ќе се расправаат со нивните трупови. Седна и меѓу два налета Врховистите ти го напиша писмово! (Го вади писмото од пазува и му го дава на Дамјана.) ДРЕН (Го зема писмото. Го отвора. Го чита.) „Дамјане, и на овој век и на оној сум - невин! Невин! Кој што и да рече за мене, сум - невин! Од овој час натаму, Дамјане, за тебе и за сите, најмногу за Организацијата, ќе има само една вистина: дека сум - невин! И само еден доказ за мојата невиност; мојава умирачка! Јас, нејзе, мојава умирачка ја одбирам, Дамјане, да остане по мене како моја единствена вистина сам, од своја волја, сосем како што го одбирав и мојот живот, таков каков што го проживеав! Зашто во Македонија, Дамјане, с? уште умирачката е единствениот доказ дека човек е невин и чист! Друга вистина нема и ќе нема... што и да сториш! Простете! Даскал Наум.“ ТРЕТИОТ ОД КОМИТИТЕ (По подолга пауза.) И... и ми го додржа огнот! Јас префрлував преку сртот, кога стивна неговиот револвер. Последното што го видов беше: Врховистите со ками го бодеа неговото мртво тело! (Го крева погледот и го гледа Дамјана.) Срцето ми се кине, војводо, и нема никогаш да си простам тој невин јунак што не го доведов овде жив, туку дојдов предавнички со неговата - умирачка! (Замолчува. Штама. Не се слуша ни дишењето.) ДРЕН Дамјане! ДАМЈАН (Полека се спушта на земја, врз најблискиот трупец. Сите сили избегале од него. Рацете го предале. Нозете уште и пред нив. Гледа в земја.) ДРВАРОТ (Повторува како померен.) Кај ми е Војводата? Мојот Војвода? Кај ми е војводата? (Ги стега тупаниците и оди од еден до друг со своето прашање.) ДРЕН (Уште повеќе поцрнет. Прилега на дрво што го запалиле ровје.) војводо, уште ли судиме? ДАМЈАН (Молчи.) ДРВАРОТ Кај ми е Војводата? ДРЕН Уште ли судиме? И ако судиме: Кој е виновникот? Вистинскиот виновник, војводо? Кој? (Ги крева врзаните раце над глава и останува така замрзнат. Штама.) ТЕМЕЛКО (Оди од еден до друг.) Дамјане! Дрен! Ордане! Дамјане! Дрен! Ордане! (Молк. По лицето му се сливаат тешки солзи. Застанува. Гледа околу себе.) Земјо, до кога! (Ги крева врзаните раце и се крсти, со нив така врзани.) Во имја Оца и Сина и Свјатога Духа... Амин! (Паѓа на коленици. Штама. С? потонува во неа. Мрак. Црнила.) крај на второто дејствие Епилог 1 ТЕМЕЛКО (Ги изгледува сите. Им го бара погледот. Не им го среќава. Пред неговиот поглед сите ги сведуваат своите.) Во имја Оца, Сина, и Свјатога Духа... Амин! (Седнува како и првиот пат кога влезе, со главата наведена нанапред, подадена мирно врз неа да се спушти јатаганот. Како сиот свој век само за тоа да се готвела.) Епилог 2 ДРЕН (Не гледа никого. Строго.) Вршете ја правдата! И нека не ви затрепери раката! Зашто ништо нема пострашно од тоа! Смртта треба еднаш веќе да научи дека на Македонија раката не треба да и’ затрепери, дури... Вршете ја правдата! (Се скаменува. Само жилите спружени по слепоочниците сведочат дека тој камен уште живее.) Епилог 3 ДРВАРОТ (Им се внесува на сите в лице, еден по еден.) Јас виновен? Јас? Жими златна Богородица... (Се крсти.) ... жими златна Богородица сте померени! Виновен - за што? Затоа што ја исполнив заповедта на Организацијата? Што и’ верував на Организацијата? За тоа ли? (Пауза.) Тоа што убив... тоа што убив, браќа, не значи... не значи и дека сум виновен! Не сум! (Пауза.) Кој од вас... кој од вас, прашам, кој од вас не би го сторил истото, да се најдеше на мое место? Кој? (Оди од еден до друг.) Ти? Ти? Ти? (Го вади ножот и му го подава на најблискиот селанец.) Држ брачед, коли! Ако мислиш дека не би ја послушал Организацијата... коли! Држ. Само ти коли! (Никој не му го прима ножот. Се загледува во ножот. Гледа долго и немо. Потоа со еден замав си го пресекува гркланот.) Ести, збогум... Епилог 4 ДАМЈАН (Молчи. Потоа ги подава рацете да му ги врзат.) Вршете ја пресудата! И не гледајте ме така! Штом револуцијата - како овде кај нас, во Македонија - ќе стане единствениот можен излез од вековните робии, тогаш човек треба да... да и’ се покори... дури и во часот кога таа ќе посака... и како невин... да го отфрли и да го осуди! Ни било пишано: и во револуцијата на Македонија да сме - виновници! (Пауза.) А, можеби, само тогаш човек е и вистински револуционер? (Гледа околу себе, како да се проштава од сите.)